Општинската фудбалска лига во Битола или Четврта лига по ранг на натпреварување дефинитивно е најквалитетниот регион, најорганизиран и регион каде постојано произлегуваат нови екипи кои се покажале како успешни проекти.
Фудбалскиот клуб Крошу од Битола е пример за еден успешен проект на компанијата Кромберг и Шуберт од Битола, со првична цел за формирање на фудбалскиот клуб за тим билдинг на самите вработени во компанијата до идеја за влез во Трета лига – Југозапад, но не е исклучена можност во иднина и за настап во Втора лига.
Клубот започнува со настапи во ОФЛ А2 лига на Битола или Петта по ранг на натпреварување лига, а сега настапува во ОФЛ А1 лига на Битола или Четврта по ранг на натпреварување лига.

Спортска Мрежа разговараше со Христијан Станковски, тренер на ФК Крошу на повеќе теми поврзани со овој фудбалски клуб, а разговорот го започнавме со идејата за формирање на овој клуб и неговите цели.
„Голем дел од моменталниот тим воден од истиот тренер со години се натпреваруваше во Општинската А лига во Битола меѓутоа како дел од други фудбалски екипи од околината на Битола. Идејата дојде спонтано, затоа што случајно сите фудбалери беа вработени во компанијата Кромберг и Шуберт Битола. Генералниот заклучок на тие дружби после секој натпревар каде што се создава „хемијата“ на тимот беше „Зошто името на Фудбалскиот клуб да не биде она што сите нас не обединува, компанијата Кромберг и Шуберт“. На самиот почеток целта на формирањето на овој фудбалски клуб беше тим билдингот на самите вработени на Кромберг и Шуберт кои во голем број присуствуваат на секој натпревар на ФК Крошу, затоа што како компанија се залагаме за градење и унапредување на лидерството и тимскиот дух внатре во рамките на компанијата како и поттикнувањето на тимскиот и натпреварувачкиот дух во регионот. Минатата сезона започнавме како новајлии во Б лигата на ОФС Битола и успеавме да се пласираме во повисоката А лига на ОФС Битола. Моментално сме на лидерската позиција во Четвртата лига на Македонија или А1 лигата на ОФС Битола и моментално после одиграни 7 кола сме единствената непоразена екипа со 6 победи и 1 нерешен резултат. Како се нижат победи така се зголемуваат и амбициите, меѓутоа ќе одиме чекор по чекор со ладни глави но нема да негираме дека цел за оваа сезона ни е освојување на првото место и пласман во Трета лига – Југозапад, вели Станковски во изјава за Спортска Мрежа.
Клубот натпреварите ги игра во Горно Оризари, тренерот за Спортска Мрежа вели дека стадионот ги исполнување условите и за натпреварите од Трета лига, со тоа што поставиле нови боксови за резервни играчи, судии и делегат, а во следниот период ќе биде решавање на проблемот со инсталирање на техничка вода.

„Моментално инфрастуктурата на стадионот во Г. Оризари ги задоволува инфраструктурните потреби за настап и во 3 та Македонска лига. Во првата сезона помогнавме како компанија со тоа што поставивме нови боксови за резервни играчи и судија и делегат затоа што единствено тоа недостигаше на стадионот за биде одобрен за настап. Мора да напоменеме дека голем проблем е самиот терен затоа што на истиот не е инсталиран приклучок за техничка вода кој се надеваме дека за скоро ќе биде решен, и затоа во одредени периоди од годината се соочуваме со потешкотии при одигрувањето на натпреварите“, ни изјави Станковски.
Со оглед на тоа што позади ФК Крошу стои голема компанија како Кромберг и Шуберт, клубот првенствено сака пласман во Трета лига – Југозапад, а сонот за настап во Втората лига го оставаат за подоцна, иако не е невозможна мисија вели Станковски.

„Клубот го формиравме водени од желбата за дружење и поттикнување на спортскиот дух како внатре во самата компанија така и во градот и пошироко, меѓутоа амбициите полека се зголемуваат. Сакам да напоменам дека нашиот клуб е составен од доста играчи кои се натпреварувале во 1 ва, 2 ра и 3 та лига на Македонија, кои со своето искуство придонесуваат многу во психолошкиот но и тактичкиот пристап во секој натпревар. Сакаме да сме скормни како Фудбалски Клуб и моментално да се фокусираме на сезоната која е во тек и на нашите амбиции за идно учество во 3 та лига Југозапад. Сонот за 2 ра лига да го оставиме за подоцна, иако не е невозможна мисија“, рече Станковски во разговорот кој го направи спортскиот новинар Александар Ванев.
Во однос на младинските категории, Станковски вели дека плановите се да формираа паралелен клуб по примерот на големите клубови во Европа, кој би се натпреварувал во пониските лиги при ОФС Битола, а со цел да им се даде шанса на младите играчи, кој потоа би се приклучиле кон А тимот на ФК Крошу.

„Идејата во однос на нови млади играчи неколку пати ја дискутиравме. Доколку успееме во сонот за учество во Трета лига – Југозапад следна сезона, плановите се да формираме паралелен клуб по примерот на големите фудбалски клубови од Европа кој би се натпреварувал во пониските лиги при ОФС Битола како би работеле на производ на млади играчи кои подоцна со добивањето на искуство би се приклучиле кон А тимот на ФК Крошу“, рече Станковски.

Ростерот го сочинуваат 24 фудбалери од копи поголем дел настапувале во Прва, Втора и Трета фудбалска лига на Македонија.
СПИСОК НА ИГРАЧИ КОИ НАСТАПУВААТ ЗА ФК КРОШУ:
Капитен на тимот е Вељаноски Тони (ФК Пелистер, ФК Вардар, ФК Напредок, ФК Беласица, ФК Царев Двор) 1 МФЛ
Момировски Игор – (ФК Тенис Борусија, ФК Пелистер, ФК Победа) 1 МФЛ
Талевски Зоран – (ФК Царев Двор) 1 МФЛ
Велевски Дејан – (ФК Пелистер, ФК Царев Двор, ФК Силекс) 1 МФЛ
Крстевски Александар – (ФК Пелистер) 1 МФЛ
Тарашовски Љупчо – (ФК Новаци, ФК Влазрими) 2 МФЛ
Ѓуровски Дарко (ФК Новаци) 2 МФЛ
Наумовски Пеце (ФК Новаци) 2 МФЛ
Бошевски Тоше (ФК Црнобуки) 3 МФЛ
Најдоски Наумче (ФК Демир Хисар) 3 МФЛ
Чагорски Дејан (ФК Стрела) 3 МФЛ
Секуловски Дејан 4 МФЛ
Ѓоргиевски Пеце 4 МФЛ
Ѓоргиевски Александар 4 МФЛ
Штраклевски Николче 4 МФЛ
Стефановски Димитар 4 МФЛ
Митревски Александар 4 МФЛ
Тодевски Бојан 4 МФЛ
Дуковски Филип 4 МФЛ
Крстевски Дејан 4 МФЛ
Ѓеоргиевски Александар 4 МФЛ
Зајаковски Благојче 4 МФЛ
Османовски Сунај 4 МФЛ
Реџеповски Нури 4 МФЛ
- „Секоја сезона е приказна сама за себе. Конкуренцијата е голема меѓутоа ние веруваме во себе и сметаме дека ова е наша сезона која на крај ќе ја крунисаме со Шампионска титула која ќе ги краси витрините на Кромберг и Шуберт Битола“, заврши Станковски.
Најсериозен кандидат ривал на Крошу е поранешниот третолигаш Победа од Ивањевци.