Струга Трим Лум забележа убедлива победа од 4-0 над Скопје во првиот натпревар од 11. коло во Првата македонска фудбалска лига. Стружани со новите три бода бодовно се израмнија со Шкендија и ја продолжуваат трката за највисок пласман, додека Скопје и понатаму е без победа и останува на последното место со само три освоени бода.
Домаќините тргнаа офанзивно и уште во првото полувреме ја најавија убедливата победа. Бесмир Бојку со прекрасен удар од далечина во 11. минута го отвори резултатот, а шест минути подоцна Христијан Малески зголеми на 2-0. Во 30. минута Агамах со удар со глава ја затресе мрежата за убедливи 3-0. Конечните 4-0 ги постави Арби Воша во 59. минута.
За разлика од ефикасниот натпревар во Струга, дербито во Гостивар меѓу Шкендија и Вардар заврши без голови, 0-0, иако на двете страни имаше голем број можности, а три погодоци беа поништени по интервенција на ВАР-системот поради недозволена позиција.
Првите посериозни возбудувања пристигнаа во почетната фаза. Во осмата минута Красниќи се обиде со силен удар од околу 16 метри, но голманот на Вардар беше сигурен. Две минути подоцна Арбин Зејнулаи одлично центрираше, но Ндзенгуе од само пет метри не успеа да ја искористи големата шанса. Вардар возврати преку Најдовски, чиј удар со глава заврши во рацете на Бубакар Гаје.
Во продолжението на првиот дел, Зејнулаи се обиде да го лобува истрчаниот Талески од половина терен, додека на спротивната страна Гаје со крајни напори го одбрани ударот на Данев од 18 метри.
Во 31. минута Ндзенгуе ја затресе мрежата на Вардар, но по прегледувањето на ситуацијата со ВАР, погодокот беше поништен поради офсајд. Пред паузата истиот фудбалер повторно се најде во добра позиција и го лобуваше Талески, но топката заврши малку над пречката.
На почетокот на второто полувреме Мелиќи се закани со глава по центаршутот на Красниќи, но биеше покрај голот, а Вардар возврати преку Јанкулов, чиј удар не беше прецизен. Во 53. минута Закариќ се обиде од левата страна, но Гаје беше на висината на задачата.
Најспорниот момент се случи во 55. минута, кога Шкендија побара пенал по дуелот меѓу Закариќ и Манев во шеснаесетникот. Сепак, главниот судија одлучи играта да продолжи.
Во завршницата следуваа нови возбудувања. Трумчи се закани со удар од околу 20 метри, Вардар возврати преку Најдовски со глава, а Данев пропушти одлична можност од 11 метри. Во 84. минута Гаје одбрани силен удар на Пиреш, додека една минута подоцна Данев повторно беше непрецизен од добра позиција.
Драмата продолжи во самиот финиш. Во 88. минута, по брзиот контранапад започнат од Спахиу, Данев постигна гол за Вардар, но ВАР-системот повторно го поништи погодокот поради офсајд. Гостите уште еднаш ја затресоа мрежата во 96. минута, кога по центаршутот на Спахиу, Пиреш погоди за водство на Вардар. Сепак, и овојпат беше досуден офсајд, па дербито заврши без голови.
Така, 11. коло во Првата македонска фудбалска лига започна со убедлив триумф на Струга Трим Лум над Скопје и драматично дерби во Гостивар, во кое Шкендија и Вардар ги поделија бодовите.