Фудбалерите на Пелистер ја забележаа првата победа во новата сезона во Првата македонска фудбалска лига, совладувајќи ја Брера Струмица со 1-2 во последниот натпревар од второто коло. Со оваа победа, битолчани по седум години повторно ја освојуваат Струмица и го забележуваат првиот триумф над струмичани на гости.
Дуелот на стадионот „Благој Истатов“ започна со внимателна и тактичка игра од двете страни, а првото полувреме мина без голови. Највозбудливи моменти во првиот дел беа неколкуте полушанси и барањето на пенал од пелистерци во 24. минута, кое по прегледување во ВАР-собата беше одбиено. Исто така, Нзенгуе постигна погодок во 30. минута, но голот беше поништен поради игра со рака. Најголемата шанса за Пелистер пред паузата ја имаше Булатовиќ, но ударот заврши покрај голот.
Во второто полувреме, Пелистер поведе уште во 58. минута по пенал кој го изнуди Ристовски, а сигурен реализатор беше капитенот Мирко Ивановски. Гостите продолжија со силна офанзива и во 73. минута, Филип Бошковски зголеми на 0-2 по додавање од Наумоски. Брера не се предаде и во 76. минута капитенот Филип Антовски со прекрасен удар од далечина намали на 1-2, но силите за ново израмнување не им стигнаа.
Во самиот финиш на мечот, Пелистер остана со играч помалку поради директен црвен картон на Немања Здравковиќ за остар старт со високо подигната нога.
Со оваа победа, Пелистер по две одиграни кола има една победа и е на шестата позиција на табелата, додека Брера останува претпоследна без бодови. Во следното коло, Пелистер го пречекува Шкупи, а Брера гостува кај скопски Вардар.