Со натпреварите од првото коло денес започнува новата сезона во Првата женска фудбалска лига, а која сезона ќе понуди неизвесна борба за титулата, но и кога е во прашање борбата за опстанок во елитното фудбалско друштво.
Дефинитивно главни кандидати за титулата ќе бидат актуелниот шампион Љуботен и поранешниот шампион Каменица Саса, кои изградија екипи за „војување“ на теренот, а кога е во прашање титулата.
Љуботен многу покажа минатата сезона, а потврди во квалификациите на Лигата на шампиони каде испиша историја со убедливи победи во првата квалификациска група, а сега оди кон нова историја. Тимот од Тетово има конкурентен ростер и сигурно е дека ќе оди кон нова петта титула.
„Рударките“ од Македонска Каменица годинава се спремни посериозно да тргнат во поход кон освојување на титулата, за што тимот ангажираше нови фудбалери, го освежи ростерот, нова енергија и сила ќе оди да мегдан да го запре Љуботен кој започна негова доминација во женскиот фудбал во Македонија.
Но, титулата сигурно дека ќе се решава во Пржино, а зошто да нема и пржинска титула?

Екипата на Скопје која има одлична школа и „производ“ на свои фудбалерки константно е во врвот на македонскиот фудбал, а теренот во Пржино важи за тешко освоива тврдина.
Дефинитивно Скопје не само што ќе одлучува за титула туку и ќе се вмеша во трката за истата, а така ќе биде и со екипата на Истатов, кој има млад и перспективен тим со неколку искусни фудбалери, а квалитетот во тимот е поголем од минатата сезона.
Ако се земе фактот што Истатов, исто така игра на теренот во Пржино, тогаш дефинитивно Пржино ќе биде местото каде ќе се одлучува титулата, но може и да се случи и пржинска титула, бидејќи покрај Скопје и Истатов фаќа приклучок да се вмеша во трката за истата, млад тим кој може да изненади.

Тиверија Брера нема да биде на нивното од минатата сезона по заминувањето на неколку искусни фудбалерки, а тимот ќе се потпира на млади домашни фудбалерки со неколку поискусни. Токму Тиверија Брера минатата сезона во Пржино загуби клучни бодови и така ја изгуби титулата.
Останатите екипи ќе водат борба за што повисок пласман на табелата. Ас Јунајтед од Струга сигурно ќе сака да биде на повисоко место на табелата, како и Речица екипи кои минатата сезона се бореа да го избегнат баражот, а пак Речица преку бараж и се спаси и остана во Првата лига.
Атлетико и Топ Гол, две екипи од Битола, сезонава ќе целат кон подобар успех од претходната сезона, додека пак Кочани е повратник во елитата, а сигурно е дека во новата сезона најпрво ќе сака директен опстанок, да биде стабилен прволигаш, а потоа можеби и да прави тим за поголем успех.
Новата сезона се отвара денес, а најавата на натпреварите со делегираните судии можете да ги прочитате овде, бидејќи веќе објави Спортска Мрежа.
Како за потсетување шампионот обезбедува излез во Европа односно во квалификациите за Лигата на шампионите, последнопласираната екипа испаѓа во Втора лига, а пак претпоследниот тим игра бараж за опстанок со вториот тим на табелата од Втората лига.