По неколку годишна пауза фудбалскиот клуб Хоризонт Турново се враќа на фудбалската карта на Македонија во сениорска конкуренција, откако неколку сезони мируваше сениорскиот тим, а клубот од Турново беше активен само со младински категории.
Некогашниот прволигаш оваа сезона се враќа во Трета лига – Исток со млад тим, а во иднина целта ќе биде клубот да се врати во Втората лига. Хоризонт Турново во сезона 2007/2008 стана шампион во Втората македонска фудбалска лига и со тоа се избори за влез во фудбалската елита на Македонија. Во првата сезона во Првата лига екипата на Хоризонт Турново заврши на шесттото место, а во следната сезона односно 2009/2010 заврши на осмото место. Една сезона подоцна Турново завршува на шесттото место на табелата, а пак во сезона 2011/2012 преку бараж со Еуромилк ГЛ го изборува опстанокот во елитата.
Поучени од претходната тешка сезона Хоризонт Турново во сезона 2012/2013 прави тим и завршува на високото трето место и игра во квалификациите за Лига Европа, што за овој тим тоа е голем историски успех. Во сезона 2013/2014 Хоризонт Турново станува вицепшампион на Македонија и одново игра во европските квалификации, во сезона кога Работнички стана шампион со два бодови повеќе од Турново.
Следната сезона наместо Турново да се бори за шампион на Македонија, како вицешампион игра бараж за опстанок против Гостивар и успева да го добие истиот. 1:1 беше исходот на првиот меч, а на вториот со 2:0 Турново го избори опстанокот.
Во следната сезона 2015/2016 Турново одново играше бараж, но овој пат немаше среќа и беше поразен на двата натпревари, на првиот до 2:1, а на вториот со 1:0 од битолски Пелистер и со тоа Хоризонт Турново испаѓа од Првата лига со големи резултати зад себе, еднаш трет во Првата лига, еднаш втор и двапати играше во европски квалификации.
Во сезона 2016/2017 Хоризонт Турново во Втората лига заврши на четвртото место на табелата, со големо бодовно заостанување зад местата кои водат кон Прва лига. Следната сезона 2017/2018 екипата на Турново одигра само девет натпревари запиша осум порази и една победа и беше исклучен од натпреварување.
По што екипата не се натпреваруваше и се врати со игра во сезона 2019/2020 кога играше бараж за влез во Втората лига, како втор во Трета лига – Исток со екипата на Братство Житоше коja беше втора во Трета лига – Југ. Екипата на Братство беше подобра во бараж мечот кој се играше на Градскиот стадион во Штип со резултат од 2:1 со што Братство обезбеди историско учество во Втората лига за сезона 2021/2022, а Турново не продолжи со натпреварување следната сезона.
По неколку сезони пауза екипата на Хоризонт Турново се врати во Трета лига – Исток, и во новата сезона 2024/2025 стартуваше со триумф во Дојран над Дојранско Езеро.
Веќе денес Хоризонт Турново на стадионот „Кукуш“ во Турново ќе ја пречека екипата на Брегалница од Делчево, која исто така по една година пауза се враќа во Трета лига – Исток. За новата сезона целта на Турново ќе биде да заврши во горниот дел од табелата и ако се укаже да го освои првото место кое води кон баражот за Втора лига, додека пак во иднина клубот сака да се врати во Втората лига.
Натпреварот меѓу Хоризонт Турново и Брегланица од 2. коло на Трета лига – Исток се игра денес на стадионот „Кукуш“ во Турново, со почеток од 15 часот.