Екипата на Слога Виница без конкуренција стана шампион во Третата македонска фудбалска лига – Исток, а во недела и го подигна шампионскиот пехар и сега се подготвува за баражот за влез во Втората македонска фудбалска лига.
Но, овој меч доби и третото полувреме, а што таму се случувало и двете екипи излегоа со соопштенија, а овој настан го потврди и Министерството за внатрешни работи.
На 04.05.2025 во ОВР Виница, М.Д.(35) од с.Стар Караорман, штипско, фудбалер на ФК „Карбинци“, пријави дека околу 15.00 часот во службени простории на ФК „Слога“ од Виница на Градскиот стадион во Виница, пред започнување на фудбалски натпревар помеѓу екипите на ФК „Слога“ Виница и ФК „Карбинци“, бил физички нападант од Д.М.(42) од Виница, претседател на ФК „Слога“, додека комесарот за безбедност на ФК.„Слога“, Н.К.(40) од Виница ја држел затворена вратата за влез на другите фудбалери од екипата на ФК „Карбинци“. Во врска со настанот, во полициска станица е извршен службен разговор со Д.М. и Н.К.. Известен јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Фудбалскиот клуб Карбинци кој натпреварот во Виница од Слога го загуби со убедливи 7:1 по натпреварот излезе со соопштение.
„ОФК Карбинци успеа само да постигне еден гол против шампионот на Третата Лига – Исток, Слога 1934 од Виница единствен примен гол за виничани во пролетниот дел. Моќниот состав на Слога постигна три гола во првото полувреме, откако ОФК Карбинци поведе со 1:0. Се гледаше желбата на Слога да се реваншира за единствениот пораз во првенството, доживеан во есенскиот дел во Карбинци. На крајот беше 7:1 за шампионот, на чии играчи ОФК Карбинци им честита и им посакува среќа во баражот за влез во Втората лига. За жал, спортскиот настан имаше и неспортска предигра, заради која реагираше и полицијата. Пред почетокот на натпреварот, според изјавата на играчот на гостите Миле Димитров, дадена и во полиција во Виница, а поткрепена и со изјави од други играчи, тој бил нападнат од две лица, од кои според него еден бил член на управата на Слога, а другиот исто така бил во спортска опрема на виничкиот третолигаш. Играчот на ОФК Карбинци бил повикан во посебна просторија, каде останал сам со двајцата напаѓачи, и како што изјавил и во полициската станица во Виница, бил нападнат, држен за врат, ударен од маса и бил под константни закани по живот. Претставници на МВР дојдоа на местото на настанот, земаа изјави од повеќе лица, кои изјавите потоа ги дале и на распит во МВР – Виница. Очекуваме надлежните да го расчистат овој случај, кој фрли сенка на спортскиот настан кој требаше да биде единствено во знак на спортот и прославата на титулата на Слога 1934 од Виница“, се вели во соопштението на третолигашот Карбинци.
На соопштението на ФК Карбинци следуваше демант од страна на Слога Виница.
„Фудбалскиот клуб Слога 1934 Виница најостро ги демантира лагите и инсуациите од ФК Карбинци, нивните играчи како и нивната управа. Што всушност се случуваше пред и по натпреварот. Играчите како и дел од управата на ФК Карбинци неколку денови пред натпреварот со недолични и провокативни коментари на нашата страна се обидуваа да предизвикаат инцидент уште пред почетокот на натпреварот. Ние како клуб бевме известени дека одредени играчи и членови на клубот ќе сакаат да иницираат немили настани и затоа бевме спремни на секоја нивна провокација да одговориме со разумност. Сепак нивната арогантност односно арогантноста на нивниот играч Миле Димитров отиде до тој степен да пишува навредливи и заканувачки пораки кон член на нашата управа, за подоцна и телефонски да се јавува и заканува кон фамилијата на членот на нашата управа. Точно е дека играчот беше повикан во службените простории на клубот каде и самиот побара да се извини за своето непримерно однесување, за што беше известен и тренерот на ФК Карбинци, Ангелче Краљов, кој исто така беше присутен во службените простории на клубот во моментот кога беше и играчот Миле Димитров. Фудбалскиот клуб Слога 1934 секогаш се стреми за пријателство со другите клубови и секогаш пристапува максимално професионално на секој натпревар, но за секоја лага напишана се со цел да се оцрни името на клубот или на некој од членовите на управата ќе бидеме принудени да покренеме тужба против сите лица кои даваат лажни изјави и шират лаги за нашиот клуб“, се вели во соопштението на ФК Слога 1934 Виница.
Слога Виница е фокусирана на баражот и исполнување на својата цел – да се врати во Втората македонска фудбалска лига.