Седумгодишниот Јован Насев од Гевгелија продолжува да блеска во дресот на АЕП „Академија ПАОК “во Грција. На својот втор турнир како дел од клубот, младиот фудбалски бисер вчера постигна 4 гола и запиша 2 асистенции, додека денес го надмина сопствениот рекорд со 5 гола и уште 2 асистенции.
Со вкупно 9 голови и 4 асистенции за два дена, Јован имаше клучна улога во пласманот на својот тим во елиминационата фаза на турнирот. Прогласен е за најдобар стрелец и најдобар играч во неговата генерација.
На натпреварувањето учествуваа осум фудбалски академии поврзани со грчкиот ФК Паок, во кои играат генерации родени во 2010 и 2015 година. Иако Јован е роден во 2017 и сѐ уште има само седум години, тој настапува со деца две до три години постари од него (генерација 2014–2015), што ја прави неговата игра уште повпечатлива.
Со вакви перформанси, Јован Насев не само што се истакнува како прв стрелец и организатор на играта, туку ја покажува и својата зрелост, талент и потенцијал за голема фудбалска иднина.
Виолета Јанчева, Спортска Мрежа