Младата фудбалерка Глорија Тодорова од Радовиш ги одигра првите минути во сениорскиот фудбал, откако настапи за својот клуб Скопје на натпреварот против Каменица Саса, во рамките на 16. коло од Првата женска фудбалска лига, кој се одигра на 10 април.
ЖФК Скопје е познат по работата со млади фудбалерки, на кои им дава шанса и можност за докажување и во првиот тим, кој главно се потпира на домашни играчки.
Шефот на стручниот штаб, Илија Мандаров, на тој натпревар против Каменица Саса се одлучи да ѝ даде шанса на 14-годишната Глорија Тодорова, која ги одигра своите први минути во сениорскиот фудбал, односно го имаше својот деби настап во фудбалската елита на Македонија.
Тодорова ги одигра сите 90 минути за својот клуб, а важи за голем фудбалски талент во кој ЖФК Скопје гледа потенцијал за долги стази.
Четиринаесетгодишната фудбалерка од Радовиш важи за вистински голгетер. Во кадетската женска лига, на последниот натпревар од 19. коло, екипата на Скопје триумфираше со 0:6 на гостувањето кај Кочани, а пет од головите беа дело токму на Тодорова.

Моментално, во женската кадетска лига, Глорија Тодорова е најдобар стрелец со постигнати 34 погодоци, додека на второто место е Тамара Атанасовска, која исто така го носи дресот на Скопје, со постигнати 32 гола.
Матичен клуб на Тодорова е Плачковица од Радовиш, а дресот на тој клуб го носеше од септември 2021 до јануари 2024 година, кога се пресели во Скопје.
Повеќе од јасно е дека пред Тодорова е светла иднина и дека таа претставува огромен потенцијал не само за ЖФК Скопје, туку и за женската фудбалска репрезентација на Македонија, бидејќи веќе се наоѓа на радарот на селекторите – и тоа со оправдана причина.