Во рамки на третото коло од суперлигашкиот плеј-оф, денес се одигра дербито помеѓу Охрид и Вардар, во Скопје. Иако ослабени, поради повеќе повредени стандардни играчи, охриѓани одиграа одличен и борбен натпревар против фаворитот.
Ѓорѓески блескаше со дури 18 интервенции на својот гол, меѓутоа за жал, тоа не беше доволно неговиот тим да направи изненадување. Имено, Вардар тргна фуриозно на почетокот и поведе со серија од 5:1, а потоа имаа и највисоки пет гола предност, но борбените гости се ,,разбудија’’ и ја стопија предноста, па така на полувреме заминаа со еден гол негатива- 13:12.
Во вториот дел, охриѓани одржуваа пристојна негатива. Домаќините повторно стигнаа до четири разлика, но Охрид постојано намалуваше и се враќаше до еден или два гола негатива. Во тој период, клучни беа головите на Винициус, Цирар и Тасески. Вардар успеа да го победи отпорот на охриѓани дури во последните десет минути, во самиот финиш на мечот, па така победи со конечен резултат 28:24.
Меѓу најефикасните поединци кај Вардар беа Борозан и Хориха, со по седум погодоци, а во таборот на Охрид се издвои Бразилецот Карлос Винициус Мораиш со пет гола , а голманот- Даниел Ѓорѓески се истакна со 18 одбрани на голот.
Во следното коло Вардар го пречекува Тиквеш, а Охрид ќе биде домаќин на Алкалоид во ,,Билјанини Извори’’.