Женската репрезентација на Македонија до 19 години одигра нерешено 1:1 против соодветната селекција на Ерменија во натпреварот од второто коло на квалификацискиот турнир од Б лигата (втора рунда) за пласман во А лигата на квалификации за Е.П.
Нашите млади фудбалерки предводени од селекторот Астрит Мерко не успеаа да ја остварат втората победа на турнирот, по победата над Литванија во првото коло.
Анастасиа Илиевска во 63. минута погоди за предност на Македонија од 1:0. Радоста на нашите фудбалерки траеше само четири минути. Противникот успеа брзо да се врати во игра и преку Сајадиан успеа да го израмни резултатот.
Во последното коло, нашата селекција ќе игра против домаќинот Хрватска. Овој натпревар ќе се одигра на 7. април со почеток во 12:30 часот, на стадионот Карловац.