Ракомет

Гогов: „Овој тим има голем потенцијал, но мора уште многу да работиме“

Сподели
ФОТО: РК Вардар
Сподели

По пет години пауза, Вардар повторно се враќа во Лигата на шампионите, а првата задача ќе биде гостувањето кај германскиот Мелсунген. „Црвено-црните“ во Касел ќе имаат исклучително тежок тест на стартот од европската сезона, против состав кој добро го познаваат од минатата сезона, но сега во натпреварување со далеку поголема тежина.

Капитенот и голман на Вардар, Васил Гогов, смета дека тимот има квалитет и потенцијал, но истовремено е свесен дека враќањето во елитното европско натпреварување носи сериозен предизвик. Тој посочи дека Мелсунген е добро познат противник, но дека претходните меѓусебни дуели не треба да создаваат лажна слика пред новата пресметка.

„Ни следува првиот натпревар во Лигата на шампионите. По пет години повторно се враќаме во ова натпреварување. Нè очекува многу тежок и квалитетен противник, кој располага со голем број квалитетни ракометари. Можам да кажам дека добро се познаваме, бидејќи во изминатите две години се сретнавме неколку пати. Претходните натпревари беа во Европската лига, а сега играме во Лигата на шампионите. Можам да кажам дека ова е едно ниво погоре. Точно е дека ги победивме и на домашен и на гостински терен, но не можам да кажам дека тоа беа лесни победи. Тогаш тие настапија со скратен состав и имаа проблеми со повредени и болни ракометари.“

ФОТО: Денис Дуковски

Голманот и капитен се осврна и на проблемите со кои Вардар се соочуваше во подготовките. Ограничувањата во домашното првенство, како и повредите и болестите, не му дозволија на тимот да биде постојано во комплетен состав, што влијаеше и врз можноста да се воигра екипата.

„Во македонското првенство има ограничување на бројот на странски ракометари, па не можеме да настапиме со комплетен состав и со сите играчи. Во текот на пријателските натпревари и турнири имавме проблеми со болести и повреди. Поради тоа, не успеавме да се комплетираме и да го покажеме сето она што го работиме на тренинзите.“

И покрај тоа, Гогов верува дека потенцијалот на екипата е голем. Сепак, според него, Вардар сè уште има простор за напредок, а за вистинско вклопување на сите сегменти ќе биде потребно време и дополнителна работа.

„Секако, имаме уште многу работа за да бидеме на сто проценти. Не успеавме да одработиме доволен број заеднички тренинзи. Овој тим има голем потенцијал, но мора уште многу да работиме и секој од нас да го даде својот максимум.“

ФОТО: Денис Дуковски

Пред стартот во ЛШ, капитенот на Вардар внимателно ја анализираше и најголемата опасност која доаѓа од германскиот состав. Мелсунген има широк избор на квалитетни играчи и може да биде опасен од различни позиции, а Гогов посебно ја издвојува левата бековска позиција.

„Мелсунген има многу квалитетни ракометари и широк ростер. Опасни се и од девет и од шест метри. Доколку треба да издвојам од каде доаѓа најголемата опасност, тоа е од левата бековска позиција“, изјави Гогов.

Вардар, по петгодишното отсуство, повторно ќе ја почувствува атмосферата на Лигата на шампионите. Мелсунген е тежок противник за европската премиера, но токму ваквите натпревари ќе бидат вистински тест за потенцијалот на новиот вардаров состав и неговата подготвеност за највисокото европско ниво.

Сподели
Напишано од
Сања Секулоска -

Сања Секулоска е спортска новинарка во Спортска Мрежа. Секулоска по професија е магистер на економски науки, која започнува од хоби кон новинарството конкретно во ракометот. Секулоска го следи и европскиот ракомет.

Не пропуштајте

ФудбалЧетврта лига

По речиси една деценија повторно локално фудбалско дерби во радовишко – Готен и Слога ќе ги одмерат силите во Подареш!

По долги години пауза, радовишкиот фудбал повторно ќе добие локално дерби! Утре, во рамките на шестото коло од Општинската фудбалска лига – Струмица,...

Ракомет

Прилеп убедлив, Бутел славеше во последните секунди, Струга до важни бодови!

Десеттото коло во македонската ракометна Супер лига донесе различни сценарија на три терени – убедлива победа на Прилеп, драматичен триумф на Бутел Скопје...

Поврзани написи
Ракомет

Прилеп убедлив, Бутел славеше во последните секунди, Струга до важни бодови!

Десеттото коло во македонската ракометна Супер лига донесе различни сценарија на три...

Ракомет

Македонските клубови меѓу регионалната елита – Охрид со најцврста одбрана, Вардар и Пелистер во офанзивниот врв!

Првите два месеци од ракометната сезона 2026/27 донесоа позитивна слика за македонскиот...

Ракомет

Вардар го задржува својот чувар на мрежата – Валах останува до 2028 година!

Вардар 1961 продолжува да го гради тимот за иднината, а еден од...

Ракомет

Два европски меча, една цел – Охрид ја повикува публиката да ја исполни „Билјанини Извори”

Европската приказна на ГРК Охрид продолжува, а следната пречка на патот кон...

✕
error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!