Второлигашот Осогово денес ги започна подготовките за новата сезона, откако шефот на стручниот штаб Крсте Крстев денес ја имаше првата прозивка со која беше означен почетокот на летните подготовки.
Костурот на тимот е сочуван, но истиот и ќе биде освежен со неколку засилувања, кои веќе се пристигнати во Кочани и денес присуствуваа на првиот тренинг. По воведниот состанок беше одржан и првиот тренинг на Градскиот стадион „Никола Мантов“ во Кочани.
Се работи за Симон Стојковски кој доаѓа на голманската позиција од второлигашот Каменица Саса, а во пакет со него доаѓа и напаѓачот Даријан Трајчов. Ново име меѓу „жетварите“ е Давид Бошески фудбалер од средниот ред кој последно настапуваше за Кожуф од Гевгелија. Во одбраната екипата на Осогово е посилна со Мартин Радуловиќ Величковиќ кој доаѓа од редовите на Тетекс. Осогово се засили и со двајца млади фудбалери од Брегалница се работи за Ненад Малинов и Алекс Димитров.
Според информациите на Спортска Мрежа „жетварите“ ги договорија и пријателските натпревари низ кои Крстев ќе има можност да провери како оди подигањето на формата. Првиот текст ќе биде на 22 јули (среда) против третолигашот кој лани играше бараж за Втора лига, Победа од Валандово, ланскиот шампион на Трета лига – Исток, а овој тест-меч ќе се игра во Валандово.
Вториот контролен меч ќе биде на 25 јули (сабота) против новиот второлигаш Еуромилк ГЛ во Кочани, следува трета контролка против Работнички на 31 јули (петок) во Скопје, а „генералката“ ќе биде против Тетекс во Кочани закажана за 8 август (сабота).
Осогово минатата сезона беше вистински хит, забележа одлични резултати со кои го освои високото шесто место, пласман кој беше најдобриот на „жетварите“ во последната деценија. Заслугите одат за стручниот штаб на чело на Крсте Крстев кој изгради неверојатно компактен тим во кој имаше одлична и позитивна атмосферата во текот на целиот шампионат.
Тоа ќе биде мотив за уште подобар пласман во новата сезона, но притоа треба да се истакна и фактот за организираност во клубот, за желбата да се подигне секој сегмент од работата на Осогово на едно повисоко ниво, што исто така се потврдува фактот за големата посветеност на секој кој е вклучен во клубот.
Исто така, треба да се истакне и поддршката која доаѓа од верната публика и верните „Сејмени“ кои секогаш се тука за клубот, а Осогово поддршка имаше од верните навивачи и на гостински терен.
Новата сезона во Втора лига започнува на 15 август, а во рамки на првото воведно коло Осогово ќе игра против Беласица во Струмица, во рамки на второто коло одново Осогово ќе гостува овој пат пак дебитантот Камјани, а првиот домашен меч „жетварите“ го играат дури во третото коло, кога во Кочани ќе гостува Новаци.