Фудбалерите на Шкендија изборија место во полуфиналето на Купот на Македонија по вистинска драма во Струга, каде по 2-2 во регуларниот дел славеа со 5-4 на пенали против актуелниот шампион Струга Трим Лум.
Домашниот тим влезе поагресивно во мечот и рано дојде до предност. По неколку предупредувања, Марјан Радески во 13. минута ја затресе мрежата за 1-0, носејќи заслужено водство за стружани. Шкендија тешко создаваше шанси, а првиот посериозен обид во рамките на голот го имаше дури во второто полувреме.
Промената ја донесе влегувањето на Бесарт Ибраими, кој во 74. минута израмни на 1-1 по асистенција од Красниќи. Иако првично беше досуден офсајд, по ВАР проверка погодокот беше признаен.
Сепак, радоста на гостите траеше кратко. Во 82. минута Меметриза Хамза постигна мајсторски гол од слободен удар за ново водство на Струга (2-1), кое изгледаше како доволно за пласман понатаму. Но, во самиот финиш следуваше шок – по прекин, Имран Фетаи се најде на вистинското место и погоди за 2-2, носејќи ја одлуката кој да оди во полуфиналето во пенал серија.
Во пенал-рулетот, Шкендија беше максимално прецизна. Во првата серија погодија Басироу Кампаоре за Струга и Бесарт Ибраими за Шкендија. Потоа реализираа и Хамза и Красниќи, а клучниот момент се случи во третата серија кога Стефан Јефтоски промаши, додека Лиридон Латифи донесе предност за тетовци. До крајот Малески и Трумчи беа сигурни, а во последната серија Бојку погоди за Струга, но Себастијан Спахиу ја потврди победата на Шкендија за конечни 5-4.
Со оваа победа, Шкендија обезбеди полуфинале каде ќе се соочи со Шкендија Арачиново, додека во вториот полуфинален пар ќе играат Силекс и Охрид.