Ракометарите на Пролет ја потврдија фаворитската улога и запишаа сигурна победа над Струга со 31-25 во рамки на плеј-аут фазата во македонската ракометна елита. Натпреварот се одигра во салата „Македонско сонце“, каде домашниот тим имаше целосна контрола врз играта.
Стружани само еднаш го израмнија резултатот на стартот (1-1), по што Пролет го презеде водството и до крајот не го испушти. Во првото полувреме домаќините имаа највисока предност од шест гола и на пауза заминаа со 16-12.
Во вториот дел Пролет дополнително го зголеми темпото и во неколку наврати стигна до двоцифрена предност, најмногу +10 (23-13 и 24-14). Во завршницата гостите успеаја да ја намалат негативата, но победата на домашниот состав не беше доведена во прашање.
Најефикасен во победничкиот тим беше Давор Палевски, кој реализираше девет гола од единаесет обиди, додека Никола Стоилевски додаде седум погодоци. Кај Струга најпрецизен беше Наум Костов со седум гола, а Мечкароски постигна пет.
Со овој триумф Пролет стигна до 17 бода, што е десет повеќе од Струга која се наоѓа на претпоследната позиција на табелата и најверојатно ќе мора да игра бараж за опстанок.
Во следното коло Пролет ќе гостува кај последнопласираниот Радовиш, додека Струга на домашен терен ќе го пречека тимот на Прилеп.