Во просториите на најтрофејниот македонски боречки колектив, Боречкиот клуб Бучим од Радовиш, на 9 март 2026 година се одржа Редовно изборно собрание на кое беше избрано новото раководство на клубот.
За нов претседател на клубот е избран Ивица Карапетров, кој доаѓа од генералниот спонзор на клубот – рудникот за бакар Бучим, каде ја извршува функцијата заменик управител.
На функцијата потпретседатели се избрани довчерашниот претседател Владо Лазаров и Горан Ристов, додека за спортски директор на клубот е назначен еден од најголемите македонски боречки асови – трикратниот европски шампион, вицешампион на светот и освојувач на првиот олимписки медал за Македонија, Магомед Ибрагимов, кој е дел од златната генерација на Бучим.
Во новата организациска структура на клубот, за генерален секретар е избран Славчо Тодоров, додека функцијата стручен секретар ќе ја извршува Љубе Тодоров.

Новото раководство најавува амбициозен план и враќање на клубот на старите победнички патеки, со јасна цел – повторно освојување на врвот во македонското борење, како и освојување на медали на меѓународни турнири, европски и светски првенства, но и на Олимписките игри во наредниот период.
Поддршката за клубот ќе продолжи и во иднина, при што зад БК Бучим како генерален спонзор останува рудникот за бакар и злато Бучим од Радовиш, а значајна поддршка ќе има и од Општина Радовиш, како и од компанијата Адора Инженеринг, во сопственост на почесниот претседател на клубот, проф. д-р Ванчо Чифлиганец.