Викендов на програмата се натпреварите од 4. коло во Првата македонска кошаркарска лига, а водечките екипи во плеј-оф сегментот ќе имаат улога на домаќини и ќе се обидат да направат уште еден чекор кон нови победи.
Колото ќе започне во сабота со дуелот меѓу Борец баскет и Мега баскет, кој ќе се игра во салата „Гемиџии“ во Велес со почеток од 13:30 часот. Гостите од Прилеп влегуваат во овој меч по два последователни порази и значително се оддалечија од борбата за самиот врв, но ќе се обидат да изненадат на тешкото гостување во Велес, каде ретко кој тим успева да дојде до бодови.
Половина час подоцна, во салата „Никола Карев“, Струмица 2001 ќе го пречека тимот на Охрид. Домашните кошаркари ќе се обидат да ја продолжат серијата добри игри и позитивни резултати.
Во саботната програма е и натпреварот меѓу Соколи 1933 и Вардар, кој ќе се игра од 17:00 часот во салата „Јордан Мијалков“ во Штип.
Последниот натпревар од ова коло во плеј-оф сегментот ќе се одигра в недела од 18:30 часот во скопската населба Бутел, каде Бутел ќе го пречека градскиот ривал Водно санс.
Интересно се очекува да биде и во плеј-аут делот од натпреварувањето. Најголемо внимание привлекува дуелот во салата „Јасмин“ во Кавадарци, каде во сабота од 18:00 часот Спортисимо ќе игра против Младинец. Овој натпревар може да има големо значење во борбата за опстанок, бидејќи со евентуална победа Спортисимо би се израмнил со скорот на ривалот и би ја направил трката за задржување на прволигашкиот статус уште понеизвесна.
Лидерот во плеј-аут групата, Тетекс ТТК, во сабота од 13:00 часот ќе гостува во Струмица кај тимот на Ролинг. Во истиот термин од 18:30 часот, во салата „Цар Самоил“ во Свети Николе ќе се одигра и дуелот меѓу Овче Поле и Црн Дрим.
По девет одиграни натпревари во плеј-оф сегментот, на врвот на табелата се наоѓа Бутел со 15 бодови, исто колку што имаат и Соколи 1933, Струмица 2001 и Борец баскет. Во плеј-аут конкуренцијата, пак, води Тетекс ТТК со 13 бодови, пред Овче Поле со 12 и Црн Дрим со 11 бодови.