Андреј Темов обезбеди пласман во две полуфиналиња на развојниот шампионат што се одржува во Анталија, Турција, за тенисери до 14 години. Како четврти носител на турнирот, Темов беше слободен во првото коло, а потоа со две убедливи победи стигна меѓу најдобрите четворица.
Во осминафиналето го совлада Херон Ајети од Косово со 2-0 во сетови (6:0, 6:1), а во четвртфиналето беше сигурен и против Илдар Малаи од Молдавија, исто така со 2-0 (6:1, 6:0). Во полуфиналето го очекува најтешкиот предизвик – дуел со првиот носител, Арас Јалчинкаја од Турција.
Успешен настап Темов бележи и во конкуренција на двојки, каде што во тандем со Василиј Закоски ќе игра во полуфиналето против грузиската двојка Гиорги Кинцурашвили и Јакоби Сванадзе. Во четвртфиналето македонските тенисери беа подобри од Јонис Габа и Флоид Касо од Албанија со 2-0 во сетови (6:0, 6:2).
Во женска конкуренција на турнирот настапуваат и Деа Крстевска и Ведрана Таневска.
Ова е првиот од двата турнира што се играат во Анталија во рамки на развојниот шампионат за тенисери и тенисерки до 14 години, на кој учествуваат вкупно 40 млади натпреварувачи од 10 држави.