Денес на стадионот „Билјанини Извори“ ќе се одигра мега дербито во Втора лига меѓу Охрид и Шкендија Арачиново, а верните „рибари“ и публиката најавуваат полн стадион и силна поддршка за фудбалерите во клучниот меч кој може да реши многу работи за влез во Прва лига.
Натпреварот започнува во 14 часот, но со оглед дека истиот е од висок ризик, навивачката група „Рибари“ со соопштение информираше дека поради посебни рестрикции на влезот ги повикаа сите членови да бидат присутни во 13 часот пред нивната трибина.
„Поради посебни рестрикции за влез на денешниот натпревар против Шкендија Арачиново, повикуваме сите членови да бидат присутни во 13:00ч. пред нашата трибина. Натпреварот започнува во 14:00 часот, пола час претходно секој член треба да биде задолжително присутен во копот. Собери екипа, понеси со себе шал и дојди на собир!“, се вели во соопштението на „Рибари“.
Охрид е лидер со еден бод повеќе од Шкендија Арачиново која е втора, со победа Охрид ќе има плус четири и ќе се зацврстува на врвот, со реми ќе остане плус еден бод предност за Охрид и ќе го задржи врвот, а со пораз на Охрид, ќе значи дека Шкендија Арачиново ќе биде лидер со плус два бода предност.