Неверојатен меч за Осогово кој со 2:4 преку пресврт славеше во Радовиш над Детонит Плачковица во рамки на 21. коло на Втората македонска фудбалска лига.
Натпревар кој понуди четири гола во првиот дел, многу шанси израмнувања и пресврт, а за комплетно уживање на гледачи на Градскиот стадион во Радовиш, каде беа и верните „Сејмени“ кои допатуваа од Кочани за да дадат силна поддршка на Осогово и на крај заедно да прослават уште една победа.
Филип Ѓорѓиевски го отвори резултатот во 16. минута за водство од 1:0, а по четири минути Филип Димоски постигна гол против својот поранешен клуб за 1:1.

Мечот го одбележа моментот кога при избивање на топката Филип Мурџески и Иван Николовски во воздух удрија глава со глава, а поради обилно крварење на главата Мурџески не го продолжи мечот, со што Горан Здравков веднаш интервенираше и го замени со Тино Спасиќ. По неколку минути игра ниту Николовски не можеше да продолжи со игра и беше заменет со Стојанче Тренчев.

Во 39. минута Тони Мичковски постигна гол за ново водство на радовишани од 2:1, а во 44. минута Димоски казни со втор гол за 2:2 на полувреме.

Во вториот дел по само две минути игра Христијан Поп Антоски постигна гол за пресврт и водство на Осогово од 2:3. Прилепчанецот погоди против својот поранешен клуб.
Сите дилеми ги реши Димоски со негов трет гол за конечни 2:4, а со тоа Осогово стигна до 12-тиот сезонски триумф, а радовишани беа поразени по шестипат сезонава, за трет пораз во низа.
Единствениот меч кој заврши без погодоци беше тој во Македонска Каменица каде Каменица Саса и Новаци одиграа 0:0 за делба на бодовите.
Сосема очекувана беше победа на Шкендија Арачиново од 0:5 над Слога Виница, таму двапати погоди Фикрет Љиварека заедно со Дарио Десниќ, а еднаш погоди Зани Назифи.
Триумф од 4:0 однесе тимот на Охрид над Вардар Неготино со што „рибарите“ го држат врвот од табелата во ВМФЛ. Абдулхади Јахја го отвори резултатот откако популарниот Шкор погоди во 32. минута за 1:0 на полувреме.
Во вториот дел Виктор Наумовски постигна гол за 2:0 откако стрелаше во 62. минута, а по две минути Давид Матески обезбеди 3:0 за Охрид. До крајот Марко Мирчески го постави конечниот резултат од 4:0.
Победа преку пресврт славеше Беласица која со 3:1 го доби Тетекс на домашен терен. Гостите преку Славчо Мисајловски во 9. минута го отвори резултатот во Струмица и со тој гол имаа предност „штофарите“ на полувреме.
Во вториот дел новото засилување Бујар Иљази погоди за 1:1 во 47. минута, а до крајот Ерион Шуку и Стефан Сулев погоди за 3:1, а трите бодови остана на стадионот „Благој Истатов“.
Скопје со голот на Виктор Ангелов од 12. минута го доби мечот со Кожуф на домашен терен.
Брегалница победнички се враќа од Ресен откако со 0:3 славеше над Преспа. Резултатот го отвори Костадин Капсаров во 37. минута за минимална предност на полувреме.
Во вториот дел Дамјан Масевски постигна гол во 83. минута за 0:2, а пак Даријан Тасев во 88. минута стави печат на победа за „сините“ од 0:3.
Колото се затвара утре со мечот меѓу Големо Коњари и Победа.
Нема промени во врвот – Охрид е прв со 49 бодови, Шкендија Арачиново е втора со 48 бодови, трет е Скопје е со 47 бодови, Брегалница е четврта со 46 бодови. Четворката ја следи Беласица која е петта со 43 бодови.
Сега Осогово е шест со 39 бодови, Новаци е седми со 37 бодови, а Детонит Плачковица е осми со 35 бодови.
Во баражот нема промени – Кожуф деветти со 29 бодови, Тетекс е десетти со 29 бодови, а Каменица Саса е место подолу со 25 бодови.
Вардар Неготино е на 12. место со 15 бодови, Преспа е место подолу со 12 бодови, а пак Победа е на 14. место со 11 бодови, а Слога Виница е претпоследна со осум бодови, на дното е Големо Коњари со четири бодови.
Големо Коњари ако утре слави над Победа одново ќе биде на дното, а пак Победа со триумф може да биде на 13-тото место со 14 бодови.