Останато

Борачот Даријан Павлев е Спортист на годината во Кочани за 2025, оддадена почит и на Андреј Лазаров

Сподели
Сподели

Во присуство на градоначалникот Владко Грозданов, Општина Кочани во соработка со Асоцијацијата на новинари – Кочани и во организација на Општинскиот фудбалски сојуз (ОФС) Кочани ја одржа традиционалната манифестација „Избор на спортист на годината“ за 2025 година.

Годинава Општина Кочани се јави како покровител на настанот, кој претставува сатисфакција за спортистите, тренерите, спортските работници, клубовите, новинарите и навивачите, со единствена цел – популаризација и афирмација на спортот и глорификација на постигнатите успеси.

Во рамки на манифестацијата беа доделени признанија во пет категории: „Млади надежни спортисти“, „Најдобар спортски работник“, „Најдобар тренер“, „Најдобра спортска екипа“ и „Спортист на годината за 2025“.

Во категоријата „Млади надежни спортисти“ признанија добија: Илина Јаневска, Ива Велков и Јана Конеска од Женски фудбалски клуб „Кочани“; Алексеј Ристов, Томислав Ристов, Илина Костадинова, Лука Златков, Дамјан Симеонов и Душанка Ристова од Карате клуб „Кочани“; Славица Митева од Боречки клуб „Спартак“; Алексија Данева, Стефан Донев, Дамјан Арсов и Божидар Трајчев од Карате клуб „Партизан“; Матеј Постолов, Бисера Лазарова и Лука Естатиевски од Клубот за гимнастички спортови Кочани; Бранислав Симјонов од ФК „Младост – Тошев“ Оризари; Саше Герасимов, Тео Николовски, Андреј Андонов, Стефан Димитров, Јован Лазарев и Стефан Атанасов од ФК „Фудбал Старс“; Ана Андонова од ЖФК „Фудбал Старс“; како и Алек Велков, Никола Јорданов, Петар Арсовски и Јана Јорданова од КК „Баскет Дино“.



Признанието за „Најдобар спортски работник“ му беше доделено на Оливер Јовановски од Сојузот на училишен спорт Кочани. Тој веќе четири години е претседател на сојузот и одговорен наставник за Зона Кочани (Кочани, Чешиново-Облешево, Зрновци, Виница, Македонска Каменица, Делчево, Берово и Пехчево), успешно организирајќи меѓуопштински, зонски и регионални натпревари, како и државни првенства.

Во 2025 година, за првпат од постоењето на Сојузот на училишен спорт Кочани и Федерацијата на училишен спорт на Македонија, во Кочани и Делчево беа организирани МОИ – Малите олимписки игри за основците од целата држава. Јовановски, покрај организацијата, како наставник ги предводеше екипите на ООУ „Никола Карев“ – Кочани, при што девојчињата во фудбал го освоија првото место и станаа државни прваци, а момчињата во футсал го освоија третото место на државно ниво.



За „Најдобар тренер“ за 2025 беше прогласен Игор Каров од Карате клуб „Кочани“. Во текот на годината неговите натпреварувачи освоија вкупно 174 медали, имаа седум настапи на балканско првенство, постигнаа петто место на Балканско првенство, како и два пехари за генерален пласман и трето место во конкуренција на 77 клуба.

Во конкуренција за „Најдобра екипа“ беа номинирани Карате клуб „Кочани“, Клубот за гимнастички спортови Кочани и Женскиот фудбалски клуб „Кочани“, а признанието му припадна на ЖФК „Кочани“. Клубот со повеќе од 20 години традиција, шампион на Македонија во 2014 година и освојувач на Купот во 2014 и 2015 година, во сезоната 2024/25 го освои првото место во Втората женска лига и избори пласман во Првата лига за сезоната 2025/26. Кадетската екипа (У-13) го освои третото место – најголем успех досега, додека младинската (У-15) заврши на деветтото место. Во Купот на Македонија тимот стигна до четвртфиналето.



Посебен момент на вечерта беше доделувањето постхумни признанија. Со длабока почит беа одбележани спомените на фудбалерот Андреј Лазаров, кошаркарот Петар Ивановски и навивачите Александар Стојанов и Томас Златков од навивачката група „Сејмени“, чии блиски ја примија наградата во нивно име.

Во категоријата „Спортист на годината“ беа номинирани осум спортисти: Филип Стојанов и Јован Арсов од КК „Партизан“, Филип Митев од ФК „Фудбал Старс“, Наталија Карова од КК „Кочани“, Филип Ангелов и Даријан Павлев од БК „Спартак“, како и Мартин Андонов и Ана Ајтовска од Клубот за гимнастички спортови Кочани.

Третото место го освои Наталија Карова, која во 2025 година забележа низа значајни резултати: трето место на Гран при Македонија У21 (50 кг), трето место на Куп на Македонија за сениори, трето место на Државно првенство, второ место на Охрид Опен У21 и први места на Тетово Опен (сениори) и „Трофеј Бара“ во Црна Гора.

Второто место му припадна на Филип Стојанов од КК „Партизан“, кој освои второ место на Балканско првенство во Ријека (У21), второ место на Гран при Македонија У21, како и две први места на Државно првенство и на меѓународниот Гран при Македонија.



Признанието „Спортист на годината за 2025“ му беше доделено на борачот Даријан Павлев од Боречки клуб „Спартак“. Тој зад себе има извонредна сезона со три титули државен првак во различни возрасни категории, злато на турнирот „Злати Динев“ во Бугарија каде беше прогласен за најдобар странски борач, сребро во Лариса со репрезентацијата, бронза на Балканското првенство во Романија, како и настапи на Европските првенства У-17 во Скопје и У-15 во Италија, каде беше на чекор до медал. Дополнително, освои и бронза на турнир во грчко-римски стил во Хасково, што беше негов прв настап во таа дисциплина.

На крајот од манифестацијата, Управниот одбор на ОФС Кочани соопшти дека средствата предвидени за коктел во износ од 30.000 денари ќе бидат донирани за изградба на „Патека на бесконечноста за 63-те ангели“ во Стариот парк во Кочани – место за спомен и утеха, со што спортската вечер доби и силна хумана димензија.



Сподели

Не пропуштајте

Ракомет

Јехона против Радовиш во Купот, Младост Богданци против Текстилец, Мулти Есенс со Вардар Неготино

Денес во „Куќата на ракометот“ беа извлечени двојките за елиминациското коло од Купот на Македонија. Текстилец – Младост Богданци Овче Поле – Еурофарм...

Ракомет

Капитенска порака од Ојлески: „Не смееме да мислиме на предноста, ова е нов меч”

Продолжува европската мисија за ГРК Охрид. По триумфот од девет голови разлика на домашен терен, „гладијаторите“ утре гостуваат кај Дукла Прага во реваншот...

Поврзани написи
Останато

Калин Ивановски со Тексас Универзитетот го освои Зимското првенство на САД

Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски стана првак со Тексас Универзитет откако во...

ОстанатоФудбал

Валерија Ваљак Неделковска избрана за претседател на Синдикатот на фудбалери на Македонија

Во Велес на 9 февруари 2026 година се одржа редовното годишно Генерално...

Останато

Јана Атанасовска не ја заврши слаломската трка, Македонија го заврши настапот на ЗОИ

Младата македонска скијачка Јана Атанасовска не успеа да го заврши својот настап...

error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!