Лидерот во ПМФЛ, Вардар денес игра градско дерби со Работнички, а мечот ќе се игра на стадионот на ФФМ. Вардар по одличното отварање на пролетниот дел против Арсими со 5:1 ќе цели кон нов триумф.
Играчот за врска, Димитар Тодоровски, очекува нова добра претстава од својот тим и триумф, иако секогаш има посебни емоции кога игра против Работнички.
„Секако дека кога играм против мојот некогашен клуб буди некакви емоции. Во Работнички пораснав, што се вели, тој клуб има огромен удел во мојот фудбалски развој. Сепак, сега сум дел од Вардар, а тоа значи само едно. Респект кон секого, но Вардар оди секогаш и на секој меч на победа. Убаво е да се негува таа традиција на градско дерби. Работнички е во неповолна позиција на табелата во моментов, но тоа апсолутно не го менува нашиот пристап за овој дуел. Одиме максимално по трите бода, за да го продолжиме позитивниот тренд од првото пролетно коло и победата против Арсими“, изјави Димитар Тодоровски.