Голем успех за радовишкиот клуб Мај Тај Адреналин и за македонскиот спорт. Младиот борец Мирко Василев се враќа од Тајланд со шампионски појас, откако на легендарниот Bangla Boxing Stadium настапи против домашен шампион и триумфираше на негов терен.
Во земјата на Муaј Тај, по само 15 дена подготовки, Мирко доби шанса за борба која ретко им се укажува на странски натпреварувачи. Предизвикот беше огромен – меч против шампион на Бангла, пред публика која живее за овој спорт. Но радовишанецот покажа карактер, дисциплина и шампионски менталитет, освојувајќи го појасот и испишувајќи историја за својот клуб и за Македонија.
Појас за Радовиш. Појас за Македонија. Појас за сите млади спортисти кои веруваат дека со труд и посветеност сè е возможно.
Успехот претставува круна на долгогодишната работа во клубот, кој од самите почетоци се гради со ентузијазам, жртва и визија.
„Денес не зборувам само како тренер. Не зборувам само како дел од клубот. Зборувам како претседател на Мај Тај Адреналин – со полно срце и со гордост што не може да се измери. Работиме макотрпно. Создадовме нешто од нула. Поминувавме низ препреки што многумина не ги ни гледаат. Работевме ден и ноќ. Воспитувавме деца, градевме спортисти, создававме карактери. Од под ноктите вадевме за да застанеме таму каде што стојат клубови со далеку поголеми буџети. И денес можам гласно да кажам — трудот не беше залуден“, рече претседателот на Мај Тај Адреналин, Влатко Петров.
Мирко Василев, момче кое порасна во салата што за клубот е втор дом, денес е симбол на таа работа. Овој триумф не е само индивидуална победа, туку доказ дека и од Радовиш можат да излезат шампиони што освојуваат појаси во срцето на Тајланд.