Фудбалската репрезентација на Македонија ги доби противниците во Б сегментот за Лига на нации, нашата репрезентација е во група со Шкотска, Швајцарија и Словенија.
Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ вели дека во Б сегментот нема лесни противници, но и дека квалитетот дека докажува против најсилните.
„Убаво е повторно да се види Македонија во вакво друштво, меѓу силни репрезентации. Објективно гледано, извлековме силни противници. Швајцарија и Шкотска, репрезентации кои веќе изборија пласман на Светското првенство и Словенија која исто така е квалитетна селекција. Но, во Б сегментот сите противници се силни. Сепак, Македонија веќе многупати покажа дека знае најдобро да игра против силни ривали, па очекувам и овојпат да бидеме на високо ниво, а навивачите да уживаат во натпреварите. Веруваме во селекторот, веруваме во фудбалерите и ќе имаат максимална поддршка да ги остварат сите цели. Треба да одиме чекор по чекор. Нема потреба да бегаме од силни противници. Квалитетот се докажува токму на вакви натпревари, со карактер и со желба. Оваа група ќе ни овозможи јасно да видиме кои се нашите реални можности и каде сме во однос на најдобрите. Ако некој посакува да играме само во Ц или Д дивизија за да победуваме, тоа е залажување самите себеси. За фудбалерите, ваквите натпревари треба да претставуваат уживање, но и вистински тест. На вакви дуели се станува фудбалер. Во оваа група навистина треба да видиме колку вредиме“, вели претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ.
Извлекувањето за петтото издание на Лигата на нации донесе сериозен предизвик на најдобрата македонска репрезентација.