Европска пролет, полна сала, многу емоции, голема желба, возбуда, жар и голем предизвик. Охрид живее убави ракометни моменти- на 14. Февруари ќе ја пречека екипата на Дукла Прага во „Билјанини Извори“, со желба токму домашниот терен да биде силата што ќе го однесе чекор подалеку во успешната европска приказна. Несомнено, охриѓани викендов ги очекува еден важен натпревар во рамки на Европскиот Куп. Противникот е сериозен и квалитетен, но целта е јасна- победа пред домашната публика, и тоа со што е можно поголема предност – тоа би била идеална позиција за нив, пред реваншот во Прага.
Денеска, во фокусот на нашата забавна рубрика е еден од главните столбови на Охридската ракометна Тврдина- шпанскиот ,,ѕид“ – Ориол Реј Моралес. Тој е дефанзивен специјалист и еден од најдобрите играчи во одбрана во Асобал лигата. Поранешниот член на Барселона и најдобар дефанзивец во Шпанија за сезоната 2024/25, веќе се прилагодува на животот во Охрид. Со богато европско искуство и победнички менталитет, заедно со Анте Иванковиќ, тој е еден од клучните „столбови“ во охридската одбрана. Пред големиот натпревар, се обидовме малку да ја разбиеме тремата – следуваат неколку забавни прашања за да го запознаеме тимот и надвор од теренот.
- Дали ракометот ти е единствена професија или се гледаш себе и во друга област, надвор од спортот?
Освен ракометар, јас сум и доктор по општа медицина. Последните четири години работев во мојата земја, а воедно и пишувам книга.
- Колку време ти требаше навистина да се почувствуваш „како дома“?
За многу кратко време се почувствував ,, како дома“ – луѓето тука се навистина пријателски расположени и многу ми го олеснија прилагодувањето.
- Кое ти е омилено место во Охрид кога сакаш да се опуштиш?
Едно место на кејот, каде што можеш да скокнеш во вода или едноставно да уживаш во погледот кон градот.
- Македонскиот јазик ти оди сè подобро – кој збор најчесто го користиш во соблекувалната? 😄
„Се шегувам.“ 😄
- Кој збор ти беше најтежок за изговор на почетокот?
Најтежок за изговор ми беше зборот ,,odvlačenje“– на почетокот го изговарав како „одваленце“. 😄
- Како ти се допаѓа Охрид – градот, атмосферата, езерото?
Охрид е неверојатен град. Ми се допаѓа тоа што има многу различни лица, во зависност од сезоната.
- Дали има нешто што веќе те освои тука – храна, поглед, локална култура? 😄
Ритамот на животот и пријателскиот однос на луѓето.

- Со кој соиграч најбрзо се зближи по доаѓањето во клубот?
Со Лиапис – тој има играно во Шпанија и, исто како мене, не зборуваше македонски, па тоа ни беше заедничка точка.
- Со кого најмногу уживаш да ја градиш одбраната – „ѕид до ѕид“? 🧱
Со Анте – се слушаме еден со друг и заедно градиме нешто навистина добро.
- Кој е тивкиот лидер, а кој гласниот мотиватор во тимот?
Тивкиот лидер е Божо (Бојан Блажески), секогаш е тука за сè. Гласниот мотиватор е Гоце, капитенот.
- Кој е најгласен кога треба да се крене енергијата во дефанзива?
Би рекол јас – мислам дека тоа е мојата улога во тимот.
- Дали имаш некој свој ритуал пред важен натпревар?
Секогаш си повторувам дека морам да ги оставам зад себе моето име и мојата слава. Тоа е самурајска традиција пред да се оди во војна – ми помага егото да го држам под контрола.
- „Ајде!“ 😄 или „Добро!“ 👍 (кој збор го користиш почесто?)
„Ајде!“ – но ги користам и двата збора многу често. 😄
- Европски меч или дерби во Супер лига? 🔥
Дерби во Супер лигата! Ми се допаѓа колку луѓето се внесени во играта и како ја доживуваат таа атмосфера.
- Прошетка покрај езеро 🚶♂️ или кафе со соиграчи ☕?
Кафе со соиграчите – ако може со сонце и поглед кон Езерото. ☕🌊
- Кој од соиграчите најмногу се шегува на тренинг? 😂
Давид Савревски, без дилема. Малку е „луд“ (позитивно,секако), но во исто време знае како да остане професионалец. 😄
- Кој од соиграчите има најмирна рака во клучни моменти? 🧊
Би рекол Томи Јагуриноски. Ако чувствува стрес, го крие навистина добро.
- Кој прв те научи македонски збор? 😄
Божо и Савре – тие ми помогнаа најмногу. Сè уште ме учат и ме корегираат.

- Кој е најмногу „тимски играч“ – секогаш за екипата? 🤝
Повторно ќе кажам Божо – тој е човекот кој најмногу го става тимот пред своите индивидуални цели.
- Што ќе биде клучно против Дукла Прага- одбраната, нападот или поддршката од навивачите?
Сè е важно, но би рекол дека одбраната досега е нашиот заштитен знак, нашиот идентитет.
- Кој од соиграчите мислиш дека прв ќе даде гол за Охрид?
Тилен Стрмљан – ,,the King of scoring easily.”👑😄
- Што мора да биде совршено ако сакаме предност пред реваншот во Прага?
Мора да останеме фокусирани во текот на целиот натпревар.
- Порака до навивачите пред 14-ти во „Билјанини Извори“?
Градиме нешто што ќе биде историско за градот и за државата. Никако да не ја пропуштат можноста да бидат дел од тоа – во салата, како дел од тимот, и да нè бодрат уште од самиот почеток!
Искрено се надеваме дека успеавме да ја разбиеме тремата и да внесеме доза позитивна енергија и насмевка во соблекувалната преку ова интервју и им посакуваме многу среќа на момците оваа сезона. Со резултатите на паркетот и енергијата што доаѓа од трибините, ГРК Охрид поминува низ еден од највпечатливите периоди во својата клупска историја. Поддршката од градот, љубителите на ракометот и навивачката група „Рибари“ ја прават салата „Билјанини Извори“ место каде што секој натпревар се игра со посебна страст и заедништво. Полниот капацитет, емоциите и атмосферата создаваат вистинска ракометна Тврдина, која му дава дополнителен импулс на тимот. Во таков амбиент, со силен ростер, јасна визија и историски настап на европската сцена, Охрид чекор по чекор гради тим со амбиции за високи дострели и стабилна иднина.