Судиската организација при Одбојкарската федерација на Македонија од денеска до недела, во хотелот „Амбасадор“ во Скопје, го организира „Националниот курс за развој на млади судии“, наменет за унапредување и едукација на перспективни судиски кадри.
Главен предавач на семинарот е ФИВБ инструкторот Зорица Бјелиќ од Србија, истакнат меѓународен судија и актуелен судиски делегат, со богато меѓународно искуство во судиска едукација. Бјелиќ е долгогодишен обучувач на највисоко ниво и редовен предавач на светски и европски судиски семинари.
Претседателството на Судиската организација се погрижи семинарот да биде организиран според меѓународни стандарди, овозможувајќи им на десетте судии-учесници едукација на европско ниво.
Во првите три дена ќе се реализираат теоретски предавања, кои ќе завршат со писмено тестирање, додека во недела е предвидена практична сесија и усмен испит.
Судиската организација при ОФМ останува доследна на својот план најмалку двапати во сезоната да организира вакви семинари за своите членови.