Фудбалскиот клуб Скопје продолжува сериозно да се подготвува за пролетната офанзива и борбата за влез во Првата македонска фудбалска лига, а најновото име кое го засилува тимот е добро познато на навивачите од Автокоманда – Јасмин Мециновиќ.
Искусниот 35-годишен стопер се враќа во клубот каде што ја започна својата фудбалска приказна, откако во изминатите шест месеци беше дел од Работнички. Неговото доаѓање се гледа како значајно засилување за одбранбената линија на „пиратите“, во клучен дел од сезоната.
Мециновиќ зад себе има импресивна и богата кариера, со настапи за бројни македонски клубови како Вардар, Беса, Струга, Пелистер, Ренова, Хоризонт Турново и Македонија ЃП, покрај два мандати во Скопје. Дополнително, неговото интернационално искуство е реткост за Втората лига – има играно во Норвешка, Малезија, Унгарија, Ерменија, Либан, Косово, Црна Гора, Индонезија, Бангладеш и Молдавија.
Во Скопје очекуваат токму неговото искуство и стабилност да донесат дополнителна сигурност во тимот кој веќе се засили со неколку проверени имиња: голманот Кристијан Наумоски, како и Симеон Христов, Бесмир Даци и Дарко Глишиќ.
Со ваков ростер, Скопје пролетниот дел од Втората лига го започнува со високи амбиции и ќе важи за еден од главните фаворити, а првиот предизвик ќе го има против Слога во Виница. Амбицијата е јасна – враќање во фудбалската елита на Македонија.