Прволигашот Арсими преку соопштение информираше дека донел одлука за откажување на пријателскиот натпревар со второлигашот Охрид.
Како што потенцираат од тимот од Чегране, одлуката за откажување на пријателскиот натпревар е како што велат резултат на појавата и циркулацијата на неодамнешни информации во јавноста, кои се однесуваат на сомнежи поврзани со интегритетот на еден пријателски натпревар одигран од противничкиот тим.
„Фудбалскиот клуб ФК Арсими 1973 ја информира јавноста дека донесе одлука за откажување на пријателскиот натпревар кој беше планиран да се одигра против ГФК Охрид. Оваа одлука е донесена како резултат на појавата и циркулацијата на неодамнешни информации во јавноста, кои се однесуваат на сомнежи поврзани со интегритетот на еден пријателски натпревар одигран од противничкиот тим. Со цел да го зачуваме интегритетот на нашиот клуб, да ги почитуваме принципите на фер-плеј, чесна и транспарентна конкуренција, како и да придонесеме кон стабилноста и кредибилитетот на фудбалот во државата, ФК Арсими 1973 смета дека во вакви околности не е соодветно да се учествува на овој натпревар. Ја подржуваме Фудбалската Федерација на Македонија која континуирано вложува напори во зачувување на интегритетот, регуларноста и транспарентноста на натпреварувањата, како и во борбата против сите појави што можат да го нарушат угледот на фудбалот.
Оваа одлука не претставува обвинување или предвремено донесување заклучоци кон кој било субјект, туку е принципиелен и одговорен став насочен кон заштита на угледот, имиџот и вредностите на нашиот клуб. Ви благодариме на разбирањето“, се вели во соопштението на ФК Арсими.
Второлигашот Тетекс донесе, исто така, одлука со која го откажува пријателскиот натпревар со Охрид.
„ФК Тетекс информира дека одлучи да не го одигра планираниот контролен натпревар со ГФК Охрид, кој е закажан за 28.01.2026 година. Одлуката е донесена по интерна анализа и сериозно разгледување на околностите што во последниот период ја вознемирија фудбалската јавност, а кои се поврзуваат со активности во кои е вклучен ГФК Охрид. Во вакви услови, клубот смета дека не постојат неопходните предуслови за нормална спортска соработка. ФК Тетекс како клуб со јасен став и принципи не може да си дозволи учество во натпревари кои, дури и индиректно, можат да остават простор за сомнеж во регуларноста и спортската етика. Оваа одлука е донесена исклучиво во интерес на заштита на угледот на ФК Тетекс, нашите фудбалери, навивачи и фудбалот во целина“, се вели во соопштението на ФК Тетекс.
Инаку, во текот на вчерашниот ден со соопштение се огласи и ГФК Охрид Лихнидос кое Спортска Мрежа го објави, а со кое тимот испрати демант.