По успешниот подготвителен престој во Србија каде што го освоија турнирот „Вук Рогановиќ“, ракометарите на Охрид, подготовките пред стартот на вториот дел од сезоната ги продолжуваат во родниот град. Со полн интензитет се тренира во спортската сала „Билјанини извори“, каде што се темпира формата за претстојните предизвици во Супер лигата.

Имено, во наредните денови се очекува комплетирање на ростерот со повратниците од репрезентативните обврски, со што тренерот Ројевиќ конечно ќе ги има на располагање сите играчи за финалната фаза од подготовките.
Дополнителен мотив и самодоверба во таборот на Охрид носат и значајните победи над Еурофарм Пелистер и Алкалоид, кои јасно покажаа дека охриѓани можат рамноправно да се носат со најсилните во лигата. Исто така, во февруари ги очекува и двомечот од ЕХФ Купот.

Со формата стекната низ подготовките и резултатите против водечките екипи, Охрид најавува сериозен настап во продолжението од првенството, а љубителите на ракометот годинава, можат да очекуваат уште поинтересна и повозбудлива Супер лига.

Особено, вниманието ќе биде насочено кон охридската „ракометна тврдина“, како што гласи и слоганот на клубот – место од кое Охрид ќе се обиде да гради нови победи и да ја потврди својата амбиција за висок пласман во домашното првенство и во ЕХФ Купот.