Амбициозниот Охрид продолжува стратегиски да се засилува во борбата за врвот на Супер Лигата, а од летото 2026 година, тимот ќе добие звучно име на голманската позиција — хрватскиот репрезентативец Дино Славиќ.
Клубот од Охрид веќе ги финализира преговорите со 34-годишниот чувар на мрежата и се очекува договорот да стапи на сила од новата сезона, со важност до летото 2028 година.
Славиќ моментално настапува за францускиот Лимож, а зад себе има богато интернационално искуство во Адемар Леон и Загреб, со настапи и во Лигата на шампионите, како и во клубовите Замет и Умаг.
Хрватскиот голман се наметна со одличните партии во последниот период, а особено се истакна на пријателскиот дуел против Македонија во Пореч, каде што имаше извонредна партија и серија клучни одбрани. Со тоа практично и си го обезбеди местото во составот на Хрватска за Европското првенство 2026 во Данска, Шведска и Норвешка.
Со неговото пристигнување, Охрид дополнително ја зајакнува конкуренцијата на голманската позиција, каде што веќе настапува и поранешниот хрватски и австриски репрезентативец Кристијан Пилиповиќ.
По ангажманот на Анте Иванковиќ, ова е уште еден силен потег на клубот во насока на создавање тим способен за трофеи и континуитет на успешните резултати.