Нашиот најдобар атлетичар Дарио Ивановски ја заврши 2025 година на најдобар можен начин, поставувајќи нов државен рекорд на престижната новогодишна трка San Silvestre Vallecana во Мадрид, Шпанија – трка на која традиционално настапуваат најдобрите светски атлетичари од светска класа.
Ивановски трката ја заврши со фантастично време од 29:00 минути, со што го подобри националниот рекорд и оствари неверојатно темпо од 2:54 минути по километар – резултат кој го вбројува меѓу најбрзите европски тркачи на оваа дистанца во 2025 година. Во исклучително силна конкуренција, составена од светски и европски шампиони, како и олимписки финалисти, македонскиот репрезентативец го освои одличното 17. место, што претставува огромен успех ако се земе предвид квалитетот и масовноста на учесниците.
Со овој резултат, Дарио не само што постави нов рекорд во македонската атлетика, туку и испрати силна порака дека Македонија има атлетичар кој може рамноправно да се носи со светската елита. Овој успех претставува одлична најава за нови предизвици и уште поголеми резултати во претстојниот олимписки и квалификациски циклус.