Охрид продолжува да се наметнува на домашната сцена со своите импресивни настапи. Во 17. коло од македонската Супер лига, тимот на Охрид, вечерва го совлада Еурофарм Пелистер со 29-25, покажувајќи дека има квалитет и карактер за големите дуели.
Натпреварот се одигра пред преполна сала „Билјанини извори“, каде атмосферата ја создадоа верните навивачи „Чкембари“ и „Рибари“.
Тренерот на Охрид, Борис Ројевиќ, во изјава за Спортска Мрежа, оцени дека ова бил можеби најдобриот настап на Охрид сезонава, со контролирана игра и дури осум голови предност, во еден момент. Тој истакна дека, иако имало тензии на крајот од натпреварот, ваквите средби се важни за растот на клубот и за македонскиот ракомет, додека се заблагодари и на одличната поддршка од публиката.
„Ова беше една наша исклучителна партија, можеби и најдобра оваа сезона. Во еден момент имавме и осум голови позитива против државниот првак- еден одличен тим кој игра супер оваа сезона, во ЛШ. Имаше доста тензии на крајот, што мислам дека беа непотребни, исто беше и таму, во Битола. Ги повикувам сите актери, да се смират..тие беа подобри во Битола, ние- тука во Охрид. Ние растеме како клуб, имаме исто право и ние да победуваме, секако. Би се заблагодарил на охридската публика, и на ‚,Чкембари” исто така, кои се одлична публика, атмосферата беше одлична..ни требаат вакви натпревари што повеќе, ова е добро за македонскиот ракомет, само не ни требаат вакви тензии како што се случија.“- изјави Ројевиќ за Спортска Мрежа.
Победата над Пелистер ја потврди стабилноста и растот на Охрид како клуб, додека инспиративната поддршка од навивачите ја направи атмосферата незаборавна.
Оваа игра ја покажува и зрелоста на тимот, кој е подготвен да се бори и со најсилните во македонската Супер лига.