Екипата на Драчево Јуниор забележа висока победа во рамки на 14. коло на Првата ракометна лига откако на гостински терен со 26:43 го доби Шампион. Гостинот ја имаше фаворитската улога на себе и истата ја оправда со висок триумф, па така победнички ја затвара 2025 година.
За домашниот тим Давид Јовчевски беше најдобар стрелец со девет гола, а пак за гостинот Александар Стојменов со 11 гола го водеше неговиот тим до голема победа.
Во дербито од средишниот дел на табелата Аеродром се покажа како подобар во однос на Текстилец со 37:32. Од самиот почеток на мечот Аеродром имаше водство од неколку погодоци и истото го одржува до триумф. Кај домашниот тим Давид Аврамовски и Михајло Атанасовски беа најдобри со по седум гола, а кај штипјани Филип Џинес постигна девет гола.
Партизан лесно се справи со „фенерџијата“ Кичево откако го доби со 44:26 во натпревар каде Димитар Атанасов со девет гола беше најдобар стрелец, а кај гостинот со по седум гола се истакнаа Давор Јакимовски, Филип Тошеф и Славко Бошковиќ.
Преспа со пораз ја затвори есенската полусезона откако на домашен терен загуби од Јехона со 23:25. Домашниот тим лошо го отвори мечот кога во неколку наврати гостинот од Гостивар имаше и плус четири. Во вториот дел Преспа во неколку наврати дојде до минус еден гол при 18:19, 19:20, како и при 20:21, но немаше сили за целосен пресврт и на крајот загуби со 23:25. Христијан Ристевски постигна 11 гола за Преспа, а пак Адис Салиу со осум гола беше прво име за Јехона.
Претходно како што веќе објави Спортска Мрежа тимот на Вардар Неготино беше убедлив против Овче Поле, а колото се затвара со мечот меѓу Мулти Есенс и Македонија ЃП.