На „Кардиф Сити стадиум“, каде атмосферата уште од претпладне беше на ниво на квалификациски спектакл, селекторите Благоја Милевски и Крег Беками ги објавија стартните состави за дуелот што директно може да го одреди освојувачот на второто место во групата и полесниот ривал во претстојниот бараж за Светското првенство.
Иако Македонија веќе има обезбедено учество во баражот, избраниците на Милевски тргнуваат по позитивен резултат што би ја олеснил патеката кон сонот – пласман на Мундијалот.
Изненадувања од Милевски – доверба за Велковски и нови решенија на крилните позиции
Најмногу внимание привлече одлуката на селекторот да му укаже доверба на Дарко Велковски, кој се најде во срцето на одбраната покрај Стојчевски и Зајков. Со тоа, Милевски направи значајна промена во реорганизацијата на дефанзивната линија, особено со оглед дека повредените Муслиу и Алиоски отпаднаа од конкуренција.
Дополнително, Атанасов овојпат мечот го започнува од клупата, додека на крилните позиции предност добија Ашковски и Илиевски.
Во офанзивниот дел, Милевски се реши за најкреативната варијанта – Елмас зад Миовски, тандем кој и претходно носел резултат и агресија во нападот.
- Стартните состави за дуелот во Кардиф
Велс: Дарлоу, Вилијамс, Лавлор, Родон, Дасилва, Шехан, Вилсон, Џејмс, Кулен, Брукс, Џонсон
Македонија: Димитриевски, Илиевски, Стојчевски, Велковски, Зајков, Ашковски, Барди, Костадинов, Алими, Елмас, Миовски
Судија на овој важен дуел ќе биде искусниот холандски арбитер Дани Мекели, чија судиска линија е добро позната на европските репрезентации.