Актуелниот шампион Баскет Кам од Македонска Каменица ја потврди одличната форма и со нова сигурна победа го презеде врвот на табелата во Првата женска кошаркарска лига. Девојките на тренерот Тони Симиќ со убедливи 68-47 славеа над Спорт Тим од Неготино и го запишаа четвртиот триумф по ред.
Немаше многу неизвесност во салата „Кале“ – фаворитот уште во првите 20 минути ја презеде контролата и создаде висока предност од 40-21, со што ја постави основата за нова победа.
Неготинчанки имаа краток период на израмнета игра во третата четвртина, но тоа беше премалку за нешто повеќе против шампионот.
Во последниот период, Баскет Кам повторно го притисна ритамот и со серија од 9-2 ја запечати победата и првото место на табелата со максимален биланс 4-0.
Најдобра на теренот беше Адамовска, која забележа импресивни 21 поен (со реализација 9/14), 11 скока и 5 асистенции, Кметовска имаше 12 поени и 12 скока, Максимовска запиша 11 поени, 10 скока и 5 додавања, а Поп-Димитровска придонесе со 11 поени и сигурна игра во двата правци. Кај гостинките, двоецот Лукиќ – Веселиновиќ беше најрасположен, комбинирајќи 30 од вкупно 47 поени за Спорт Тим.
Следното коло носи уште интересни пресметки — Патриот 2016 и Бадел 1862 ќе играат на 8 ноември во Делчево, додека во недела ќе следат два возбудливи меча: дербито Крива Паланка – Вардар и дуелот Пробаскет – МЗТ Бела Вода во Кавадарци.
Баскет Кам продолжува да чекори шампионски, а формата што ја прикажуваат девојките од Каменица потврдува дека повторно се главен кандидат за титулата.