По серијата добри партии и позитивен резултатски ритам, ракометарите на ГРК Охрид ги очекува нов предизвик во рамките на 11. коло од Суперлигата. Во сабота (08.11), охридскиот тим ќе го пречека составот на Тинекс Пролет во салата „Билјанини Извори“, со почеток од 19 часот.
Екипата на Пролет е добро познат и искусен противник кој во изминатите сезони знаеше да приреди изненадување. Затоа, охриѓани влегуваат во натпреварот максимално мотивирани и фокусирани да ја продолжат победничката низа и да останат во горниот дел од табелата.
„Пролет е една искусна екипа која знаеше да не изненади во претходните години. Максимално сме фокусирани да одиграме најдобро што можеме и да ја продолжиме победничката низа,“ истакна ракометарот на Охрид, Владимир Бојаниќ пред дуелот во сабота.
Очекувањата се дека натпреварот ќе донесе нова ракометна возбуда во Охрид и силна поддршка од трибините, кои повторно ќе бидат полни со верните навивачи.