Македонскиот шампион Шкендија денеска го испишува најзначајното поглавје во својата историја. Тетовскиот клуб за првпат ќе одигра натпревар во главната фаза на едно европско клупско натпреварување, и тоа против шпанскиот прволигаш Рајо Ваљекано во предградието на Мадрид – Ваљекас (почеток 18:45 часот).
Шкендија ја започна својата европска авантура во првото претколо на Лигата на шампионите, каде што ги елиминираше велшкиот ТНС и романскиот ФЦСБ, со што веќе обезбеди историски пласман во европска групна фаза. Подоцна тетовци беа елиминирани од Карабах и Лудогорец, но тоа им овозможи трансфер во Конференциската лига.
Ждрепката не беше благонаклонета – дебито ќе биде токму против тим од најсилната лига во светот, шпанската Ла Лига. Рајо е клуб кој редовно знае да им создаде проблеми и на најголемите, а неодамна одигра и реми против Барселона.
- Стартни состави
Објавени и почетните тимови. Јетон Беќири не изненади со изборот, а капитенот Бесарт Ибраими ќе биде предводник на црвено-црните.
Рајо Ваљекано (4-3-3): Батаља; Балиу, Лежеун, Вертрувд, Еспињо; Лопез, Гумбау, Трехо; Перез, Камељо, Гарсија.
Шкендија (4-2-3-1): Гаје; Вебстер, Цаке, Фетаи, Трумчи; Рамадани, Ќака; Љатифи, Красниќи, Тамба; Ибраими.
- Изјави пред мечот
Тренерот на Шкендија, Јетон Беќири, нагласи:
„Знаеме колку е силна шпанската Ла Лига, но ова е голем меч за нашиот клуб. Прекрасно е што ќе играме со ривал од така силна лига, знаеме дека навивачите на Рајо креираат одлична атмосфера на трибините, дека овој тим игра исклучително борбено. Сепак, ова е меч за историја на Шкендија и ние ќе сториме сѐ за да се претставиме во добро светло.“
Капитенот Бесарт Ибраими додаде:
„Сме ги гледале како играат со Реал Мадрид и со Барселона, знаеме дека се квалитетен тим што се бори 90 минути. Сепак, тоа ќе биде меч за историја за нас, задоволни сме што стигнавме до овде, но не планираме да застанеме. Ќе излеземе на терен и ќе го дадеме најдоброто од себе.“
На официјалната прес-конференција во Мадрид, Ибраими уште еднаш потврди:
„Ова е историски натпревар за сите нас во Шкендија. Подготвени сме да го дадеме максимумот, знаеме со каков противник играме. Го почитуваме, нашето е да излеземе на терен, да го дадеме максимумот и да се надеваме дека во фудбалот не победува секогаш подобриот.“
Беќири, пак, нагласи:
„Овој меч е историски во однос на нашето деби во Конференциската лига, а и затоа што ќе играме против екипа од еден многу респектиран шампионат… Вистина е дека не сме се соочиле со тимови од вакво ниво, од Примера, која според мене е најсилна лига во светот. Голема почит за мојот колега од Рајо Вајекано, за кого се зборува дека е исклучително добар тренер.“
- Што велат домаќините?
Тренерот на Рајо, Ињиго Перез, предупреди:
„Шкендија е тим кој не шпекулира. Има силен офанзивен арсенал и заради тоа некогаш има проблеми во одбраната. Заради тоа, но и заради нашите офанзивни карактеристики, очекуван е офанзивен натпревар. Нашата амбиција е да ја освоиме Конференциската лига, но треба да бидеме претпазливи.“
Натпреварот Рајо Ваљекано – Шкендија започнува од 18:45 часот, а судија ќе биде Финецот Мохамед Ал-Емара.