Повратникот во Втората македонска фудбалска лига, екипата на Тетекс од Тетово за новата сезона се засили со четири фудбалери.
Станува збор за Енис Дервиши, Петар Обадиќ, Марко Стојчески и Рихан Зеќири.
Десниот бек Дервиши кој има 27-години доаѓа од поранешниот прволигаш Гостивар, а низ својата кариера беше дел од Воска Спорт, Работнички, Тетекс и Шкендија од Тетово.
Обадиќ е 21-годишен централен бек кој доаѓа од Вардар Неготино, а претходно има настапувано за Тетекс и Македонија ЃП, а пак во Грција настапуваше за Еордаикос.
Стојчески исто така од Вардар Неготино се сели во Тетекс, се работи за 24-годишен лев бек кој низ својата кариера има настапувано за повеќе екипи меѓу нив и Скопје, бугарска Монтана, Локомотива, Охрид, Кадино, Македонија ЃП, како и за младинските категории на Вардар и Брера, а беше дел и од српскиот Телеоптик.
26-годишниот Зеќири доаѓа од тимот на Кораб од Албанија, а има настапувано за Арисми, Тетекс, Сухарека и Раховце од Косово, Воска Спорт, Беса, Пелистер, Кораб од Дебар, Велазерими од Кичево, Диетикон во Швајцарија, како и за Зајаз и тетовска Шкендија.
„Овие фудбалери доаѓаат со искуство, елан и желба, а нивниот ангажман претставува важен чекор во градењето на конкурентен и борбен тим. Цврсто веруваме дека со својата посветеност и квалитет ќе дадат значаен придонес за успехот на Тетекс на теренот и надвор од него. На нашите нови членови им посакуваме искрено добредојде во плаво-белото семејство и успешна сезона полна со здравје, спортска борбеност и победи. Истовремено, сакаме да ја информираме спортската јавност дека клубот продолжува со активности за дополнително зајакнување на ростерот, вклучително и со млади перспективни фудбалери. За нивниот ангажман и идните потписи навремено ќе биде информирана јавноста преку нашите официјални канали“, велат од ФК Тетекс.
„Штофарите“ новата сезона ја започнуваат против Вардар Неготино на гостински терен.