Фудбалскиот клуб Шкендија Арачиново направи тренерска смена во клучната фаза од подготовките пред стартот на новата сезона во Втората македонска лига. Без да го води тимот на официјален натпревар, клубот се раздели со досегашниот стратег Шабан Сулиман, а нов шеф на стручниот штаб е искусниот Љупчо Марковски – Калц.
Сулиман беше дел од стручниот тим и минатата сезона како помошник на Еркан Мурсели во Трета лига – Север. Тој ги започна подготовките со екипата, но не се задржа долго на кормилото.
Новиот тренер, Марковски, доаѓа со богато фудбалско и тренерско искуство. Последно го водеше тимот на Скопје, а во својата кариера беше предводник и на Работнички, Тетекс, како и на младинската екипа на Вардар со која настапуваше во Лигата на шампионите против европски гиганти како Салцбург. Инаку, тој е поранешен македонски репрезентативец, добро познат по својата посветеност и дисциплина.
„Среќен сум што доаѓам во клуб како Шкендија Арачиново. Заедно со раководството и играчите ќе работиме напорно за да го издигнеме клубот на повисоко ниво“, изјави Калц при своето официјално промовирање.
Шкендија Арачиново амбициозно го гради својот тим за претстојната сезона, а со ваков искусен тренер на кормилото, клубот јасно сигнализира дека не сака само да биде дел од Втората лига – туку и сериозен конкурент.