Македонската младинска (У17) и детска (У14) репрезентација во биатлон веќе се наоѓаат во Банско, Бугарија, каде официјално ги започнаа подготовките за претстојните меѓународни натпревари. Под водство на стручниот штаб, младите надежи напорно тренираат со цел да бидат максимално подготвени за настапите на ИБУ Регионалниот летен куп, кој оваа година ќе се одржи на неколку локации ширум Балканот и Југоисточна Европа.
Додека помладите категории ја темпираат формата во Банско, најдобрите македонски биатлонци, Петар Гиноски и Тео Петрушу, се наоѓаат на подготовки во Бесанс, Франција. Тие таму тренираат заедно со хрватската репрезентација и со најдобриот светски јуниор во биатлон, Матија Легович, што за нашите спортисти претставува огромно искуство и мотив плус за натпреварите што следуваат.
Подготовките се во полн ек бидејќи веќе во август започнуваат натпреварите од ИБУ Регионалниот летен куп, кој ќе се одржи во: Банско(Бугарија), Делнице (Хрватска), Сјеница (Србија), и Келе Градиште (Романија).
Во рамки на летниот календар, ќе се одржи и Детскиот регионален куп, каде најмладите биатлонци ќе се натпреваруваат на неколку важни трки во: Пале (БиХ), Чепеларе (Бугарија), Делнице (Хрватска) и Уса (Грција).
Федерацијата за биатлон на Македонија очекува дека настапите ќе бидат на високо ниво и дека со добри резултати младите спортисти ќе го најават своето место во биатлонската иднина на земјава.
Селекторот на македонската биатлон репрезентација, Ѓоко Динески, изрази задоволство од досегашниот тек на подготовките што се одвиваат во Банско, Бугарија. Според него, тренинзите се реализираат според однапред поставената програма, а динамиката е на високо ниво.
„Задоволен сум од текот и динамиката на подготовките. Очекувам целосно исполнување на програмата предвидена за овој подготвителен период. Имаме доста талентирани деца во тимот кои се на добар пат да постигнат сериозни успеси во своите возрасни категории,“ – вели Динески.
Тој додава дека по неколкугодишната консолидација на екипата, конечно се гледа напредок и стабилност која треба да се капитализира преку резултати на меѓународната сцена.
„По неколку години работа на консолидирање на тимот, очекувам резултатите на нашите најдобри натпреварувачи да бидат забележителни. Тие резултати ќе го отворат патот на македонскиот биатлон кон уште поголеми успеси и афирмација на меѓународно ниво,“ нагласи Динески.
Македонската репрезентација со голема мотивација се подготвува за настапите на ИБУ Регионалниот летен куп, но и за Детскиот регионален куп, каде македонските надежи ќе имаат шанса да покажат дека квалитетот и талентот се присутни и во помладите категории.