Утре на Градскиот стадион во Радовиш ќе се соочат Детонит Плачковица и Вардар од Неготино во рамки на седмата рунда од Втората лига. Трите бодови се императив и за двете екипи.
Радовишани сакаат продолжување на позитивна серија резултати, сакаат нов триумф и нови три бодови со што ќе имаат можност пред репрезентативната пауза да завршат во топ четири, но во зависност од резултатите на останатите екипи.
На последните пет натпревари момците на Горан Здравков имаат три победи и две ремија, но Вардар Неготино на Горан Тодорчев е во резултатска криза.

Вардар тргна со триумф во Кочани над Кочани, запиша реми против Беласица на домашен терен, а потоа запиша четири порази во низа, дополнително теренот во Неготино е суспендиран на два натпревари, еден помина, а ќе треба и мечот со Победа да се одигра надвор од Неготино.
Ваквата ситуација го погоди Вардар, кој во Радовиш ќе бара излез од резултатската криза што ќе му биде тешко. Детонит е расположен за надигрување, а Вардар кој е во бараж зоната со четири бодови, доколку загуби и во Радовиш ќе влезе во голема резултатска криза и може да влезе дури и во опасната зона за директно испаѓање и таму да ја помина репрезентативната пауза.
Притисокот ќе биде кај Вардар Неготино, тоа е повеќе од јасно, тие ќе бараат позитивен исход, па макар тоа било и реми.

Детонит Плачковица е фаворит за трите бодови, а Вардар Неготино не доаѓа со бело знаме. Во петте меѓусебни дуели три завршиле со триумф на Детонит Плачковица, а два со триумф за Вардар Неготино. Интересно е тоа што двете екипи во меѓусебните дуели немаат триумф во гости. Детонит трите победи ги има во Радовиш, а Вардар двете победи во Неготино, па тоа значи соочување за продолжување на победничката низа на Детонит во однос на меѓусебните дуели против Вардар на домашен терне, а пак Вардар во Радовиш ќе ја бара првата победа.
- МЕЃУСЕБНИ ДУЕЛИ ДЕТОНИТ ПЛАЧКОВИЦА – ВАРДАР НЕГОТИНО:
15.09.2018 Вардар Неготино – Детонит Плачковица 3:2 Втора лига
17.11.2018 Детонит Плачковица – Вардар Неготино 3:1 Втора лига
15.05.2019 Детонит Плачковица – Вардар Неготино 4:2 Втора лига
12.08.2023 Детонит Плачковица – Вардар Неготино 1:0 Втора лига
12.02.2024 Вардар Неготино – Детонит Плачковица 2:0 Втора лига
Главен судија на мечот во Радовиш кој ќе започне во 14 часот ќе биде Пларент Салихи од Тетово, негови помошници ќе бидат Хабиљ Љиворека од Тетово и Имран Абази од Ново Село, Боговиње, Тетово.
За четврт судија е делегиран Бардхиљ Ибраими од Тетово. Гоце Јованоски од Битола ќе биде делегат, а пак контролор на мечот ќе биде Сашо Иванов од Штип.