Абдулхади Јахја е нов играч на прволигашот Башкими. 26-годишниот офанзивец со своето искуство и квалитет треба да донесе дополнителна сила во нападот на тимот од Куманово, кој амбициозно ја подготвува новата сезона во Првата македонска фудбалска лига.
Јахја е добро познат на македонската фудбалска јавност бидејќи во својата досегашна кариера има настапувано за неколку реномирани екипи. Тој беше дел од најтрофејниот македонски клуб Вардар, а потоа ги носеше и дресовите на Шкупи, Струга Трим Лум, како и на Воска Спорт. Со секој од овие клубови остави свој белег, особено со својата ефикасност и креативност во нападот.
Башкими со ова ангажирање јасно ги демонстрира своите амбиции да изгради конкурентен состав кој ќе може да се бори за високи позиции во елитата. Јахја се очекува да биде едно од клучните имиња во тимот, а од него се бара да ја преземе лидерската улога на теренот и да биде мотор на офанзивната линија на Башкими.