Второлигашот Кожуф од Гевгелија во новата сезона влегува комплетно „ремонтиран“, како во управата, стручниот штаб така и во играчкиот ростер.
Клубот од Гевгелија доби нова управа, но и нов шеф на стручниот штаб, штипскиот стратег Иван Варадиновски седнува на тренерското столче и ќе го превземе кормилото на Кожуф за новата сезона во Втората лига.
Варадиновски кој има голема заслуга со тоа што Детонит Плачковица играше историски бараж за влез во Првата лига против скопски Вардар, откако радовишани под водство на Варадиновски го освоија третото место, а претходната сезона беа петти под негово водство, најдобри резултати во клупската историја на Детонит Плачковица.
Исто така, Варадиновски со Детонит Плачковица има статистика за почит и поздравување, бидејќи Детонит Плачковица на домашен терен немаше ниту еден пораз во текот на целата сезона.
36-годишниот стратег во минатото ги водеше Каменица Саса и Кит Го од Пехчево, а сега го превзема Кожуф. Во стручниот штаб со Варадиновски ќе работат Благој Дуганов и Трајче Ников.
Според информациите на Спортска Мрежа, Кожуф веќе ги започна подготовките за новата сезона под водство на Варадиновски, а се утврдува планот и за одигрување на пријателски натпревари.
Кожуф ќе се тестира со Беласица, Слога Виница, Тетекс, Брера Струмица, а ќе се договорат уште еден до два пријателски натпревари за проверка на формата, дознава Спортска Мрежа од свои извори.