Македонскиот прволигаш Работнички пристигна во Сомбател, Унгарија, каде го очекува првиот натпревар од воведната рунда на квалификациите за Конференциската лига на УЕФА, против белорускиот претставник Торпедо Белаз.
Поради санкциите на УЕФА, белоруските клубови не смеат да играат натпревари на домашен терен, па Торпедо ќе биде домаќин во Унгарија, а мечот со „романтичарите“ е закажан во четврток (10 јули), со почеток во 20:00 часот.
Дебармаалци, предводени од новиот тренер Бојан Марковски, кој летово го замени Станиќ, се соочуваат со сериозен предизвик, но во таборот владее оптимизам и амбиција за позитивен резултат.

Работнички се засили со неколку нови имиња – Велиќ, Кадриу, Асани, Мециновиќ и Велкоски, кои треба да донесат квалитет и свежина во тимот. Како дел од подготовките, клубот одигра три контролни натпревари, забележа порази од Партизани Тирана (3:0) и Балкани (2:0), додека последниот тест против Силекс заврши без голови (0:0), а па првиот тест со Силекс во Кратово ремизираше (1:1).

Реванш средбата ќе се одигра во Скопје, седум дена подоцна, кога ќе се одлучи патникот во следната рунда од натпреварувањето.

Работнички во Унгарија пристигна со надеж за добар резултат, резултат кој ќе го однесе тимот во второто коло од квалификациите за пласман во групната фаза на Конференциската лига на УЕФА.

