Фудбалскиот клуб Пелистер од Битола официјално потврди дека со завршувањето на натпреварувачката сезона 2024/25, клубот се разделува со неколкумина фудбалери чии договори истекоа.
Во согласност со тоа, од таборот на битолскиот прволигаш изразија благодарност за професионалноста и ангажманот на играчите кои повеќе нема да го носат зелено-белиот дрес.
Станува збор за фудбалерите Дејан Ѓуриќ, Захар Тарасенко, Фернардо Брито Карваљо, Масааки Такахара, Бојан Спиркоски, Виктор Серафимовски, Даниел Карчески и Стефан Костов, кои со својата посветеност оставија белег во редовите на клубот, а сега ќе продолжат на нови професионални патеки.
Клубот им посака успех во нивните идни предизвици и упати благодарност за времето поминато во Пелистер, нагласувајќи дека секој од нив бил важен дел од тимот во изминатата сезона. Воедно, беше најавено дека управата веќе активно работи на пополнување на празнините со нови имиња кои ќе го зајакнат ростерот за претстојната сезона.