Македонското карате добива нова светла ѕвезда Љупче Михајлов, член на Карате клуб Штип, успеа да се искачи на победничкиот пиедестал на еден од најпрестижните меѓународни карате турнири за млади – Светската младинска лига што се одржа во Пореч, Хрватска.
Во конкуренција од стотици елитни млади каратисти од целиот свет, Михајлов блесна со пет победи против врвни ривали од Холандија, Чешка, Австрија, Полска и Словачка, демонстрирајќи зрелост, техничка прецизност и извонредна борбеност. Секоја негова победа беше резултат на цврста тактика, брзи реакции и јасна концентрација квалитети што го издвоија меѓу најдобрите.
Во полуфиналната борба, Михајлов се соочи со еден од најдобрите млади каратисти во светот актуелниот светски и европски младински шампион, Украинецот Питсул. Натпреварот беше крајно изедначен и возбудлив, Љупче двапати имаше водство, но на крајот загуби со тесни 5:3 – резултат кој и покрај поразот ја потврди неговата класа и потенцијал.
„Ова е огромен резултат и уште еден доказ дека сме на вистинскиот пат. Нашата цел останува јасна – медал од Европско и Светско Првенство. Презадоволни сме од настапот на Љупче“ истакнаа тренерите Жарко и Сашко Арсови.
Покрај Михајлов, и неговата клупска колешка Мила Панчева имаше забележителен настап. Таа оствари победа против противничка од Молдавија, но во следната рунда беше елиминирана од италијанска каратистка, по судиско гласање при резултат 0:0 – уште еден доказ за колку се тесни разликите меѓу најдобрите и за високиот квалитет на младинската лига.
Настапот во Пореч е силна мотивација за младите каратисти од Македонија и потврда дека вложувањето во талентирани спортисти веќе дава резултати. Карате клуб Штип и понатаму останува расадник на шампиони и надеж за идни интернационални успеси.