Екипата на Прилеп продолжува со силно екипирање за новата сезона, а денеска го објави едно од најголемите засилувања досега – Димитар Димитриоски се враќа во македонскиот ракомет по неколкугодишна авантура во Шпанија.
27-годишниот ракометар кој игра на позиција лево крило, но и како среден бек, пристигнува од шпанскиот Ваљадолид, клуб во кој му заврши договорот. За македонската јавност тој е добро познат – ги носеше дресовите на Еурофарм Пелистер 2, Вардар 1961 и Металург, клуб каде што и ги направи своите први ракометни чекори.
Со Металург ја освои Куп титулата во 2019 година, додека со Вардар запиша две успешни сезони и освои двојна круна пред преминот во Битола.
На репрезентативен план, Димитриоски беше дел од младинската репрезентација на Македонија на Светското првенство во 2017 година, а настапи и за сениорскиот национален тим на СП 2021 во Египет.
Денес, клубот од Прилеп го потврди и Наум Танески како нов тренер, со што се заокружува амбициозна и сериозна рамка за настап во новата сезона. Со вакви засилувања, целта е јасна – пласман во плеј-офот и борба за повисоки цели.