Одбојкарската репрезентација на Македонија со пораз го започна настапот во Златната Европска лига, откако загуби од Финска со 0-3, по сетови 20-25, 15-25 и 19-25.
Избраниците на Јошко Миленковски добро го отворија првиот сет и долго време беа рамноправен противник, но Финците направија серија и го добија воведниот период со 25-20. Вториот сет беше целосно во знакот на ривалот, кој го доби со убедливи 25-15.
Македонија многу подобро го започна третиот сет и имаше континуирана предност, но Финска успеа да се врати во игра, главно благодарение на одличниот блок. Поенот на капитенот Ѓорѓев донесе надеж при 14-16, но Финците веднаш одговорија со серија од три поени и ја задржаа предноста до крајот на сетот.
Разликата беше највидлива во елементот на блокот Финска освои 12 поени на тој начин, додека Македонија само 3.
Следниот натпревар за нашите одбојкари е утре од 15:00 часот против селекцијата на Словачка.
Виолета Јанчева, Спортска Мрежа