Министерот за спорт на Република Македонија, Борко Ристовски, и министерот за спорт и млади на Црна Гора, Драгослав Шќекиќ, денеска во Подгорица потпишаа меморандум за разбирање, со кој ќе се зајакнува соработката меѓу двете земји во областа на спортот.
Овој документ претставува нов чекор кон унапредување на заедничките односи и ја потврдува заедничката заложба за регионално поврзување преку спортот. Фокусот е ставен на размена на знаења и искуства во повеќе клучни сегменти: институционална соработка, спортска наука и технологија, спортска медицина, борба против негативни појави во спортот, организирање спортски настани, едукација и обука на спортски кадар, програми за спорт на лица со попреченост, развој на масовниот спорт, спортска инфраструктура, спортски туризам и спорт во образовниот систем.
Министрите се согласија дека преку ваквите иницијативи се создаваат цврсти темели за заеднички проекти кои ќе придонесат за развој на спортот во целиот регион.
„Со Министерството за спорт и млади на Црна Гора и со министерот Драгослав Шќекиќ имаме една соработка која е повеќе од политичка. Мислам дека тргнавме и во еден друг правец, станавме пријатели надвор од оваа политичка димензија и чест ни е што сме денеска гости во Подгорица. Од оваа соработка ќе имаме многу придобивки. Тука не е само оној спортскиот дел, овој договор испраќа и многу други пораки, пораки кои значат дека ние иако сме различни држави, сепак сме израснати во тој дух на заедништво и треба да негуваме меѓусебна почит, нашите народи да бидат уште поблиски. Во склоп на оваа воспоставена соработка почнуваме и пилот проект со организирање на регионални турнири кој ќе стартува од Македонија. Без разлика што ова натпреварување нема да биде официјално туку регионално, сепак ќе испратиме силна порака дека ние како држави имаме капацитет да се обединиме и да направиме нешто повеќе. Пред сѐ тоа да биде промоција на нашите држави, промоција на спортот и порака дека сите ние во регионот треба да се држиме заедно и да си помагаме едни со други“, истакна Борко Ристовски.
Министерот за спорт и млади на Црна Гора, Драгослав Шќекиќ, изрази искрено задоволство од постигнатиот договор, нагласувајќи дека воспоставувањето на стабилна и плодна соработка меѓу Црна Гора и Македонија во областа на спортот претставува значаен чекор кон продлабочување на регионалната поврзаност и заедничкиот развој.

„Изразувам огромно задоволство што денеска во посета на Црна Гора е мојот пријател, министерот за спорт Борко Ристовски и што имавме можност да разговараме за идната соработка и за развојот на спортот во Црна Гора и во Северна Македонија. Нашата намера беше да го повториме она што некогаш се одвиваше во поголем капацитет и тоа дополнително да го унапредиме, да додадеме и некои нови услови за соработка, но и да покажеме дека ние земјите од Балканот преку спортот можеме да придонесеме за поврзување на сите нивоа и дека спортот е најголемиот промотер на позитивните процеси. Во таа насока ќе дадеме сѐ од себе“, рече Шќекиќ.
Црногорскиот министер за спорт и млади ја истакна и иницијативата за формирање регионални лиги во одбојка и ракомет, во кои првично би учествувале екипи од Македонија, Црна Гора, Србија, а во перспектива и од Босна и Херцеговина. Дополнително, тој ја поддржа идејата за организирање регионални турнири во овие спортови со цел унапредување на натпреварувачкиот дух и зајакнување на соработката меѓу земјите од регионот.
„Денес имавме можност да разговараме за организирање на регионален турнир кој би бил претходница на идната регионална лига. Кога е во прашање ракометот, во овој момент учеството го потврдија Северна Македонија, Црна Гора и Србија, очекуваме да се приклучи и Босна и Херцеговина. Во одбојка веќе е извесно одржувањето на тој регионален турнир на кој ќе бидат овие четири екипи. Во Црна Гора ќе биде организиран турнирот во одбојка, а во Северна Македонија турнирот во ракомет. На турнирот ќе учествуваат по една машка и по една женска екипа од секоја земја. И пред оваа средба ние имавме средби и со другите колеги министри и изразивме големо задоволство од овој проект. Сакаме да покажеме дека преку спортот може да направиме многу големи работи, како за унапредување на спортот, така и за поврзување на нашиот регион“, истакна министерот Драгослав Шќекиќ.
Виолета Јанчева, Спортска Мрежа