ГРК Охрид продолжува со стратегијата за создавање и промовирање млади ракометари. Клубот денеска објави дека младиот ракометен „дијамант“, Илија Трајчески, стави потпис на договор со траење од најмалку три години и од следната сезона ќе биде дел од првиот тим.
Трајчески, кој има само 14 години и висина од 194 см, беше прогласен за МВП и лидер на шампионскиот пионерски состав на ГРК Охрид оваа сезона. Токму со овие настапи го заслужи своето место меѓу сениорите.
Талентираниот ракометар од идната сезона ќе му се стави на располагање на тренерот Ројевиќ, кој ќе има задача постепено да го воведе во светот на сениорскиот ракомет.
ГРК Охрид со овој потег покажува јасна визија за иднината и дава пример како младите таленти треба да добиваат шанса во македонскиот ракомет.