Фудбалскиот клуб Силекс од Кратово сериозно се подготвува за настапите во новата сезона од Првата македонска фудбалска лига, како и за претстојните квалификации за Конференциската лига на УЕФА. Тимот од Кратово веќе започна со засилувања, ангажирајќи двајца интернационалци и продолжувајќи соработка со двајца стандардни првотимци.
Најново засилување за Силекс е 31-годишниот босански интернационалец Миљан Говедарица, кој настапува на левото крило. Тој пристигнува од редовите на ФК Славија Сараево и се очекува да донесе свежина и искуство во офанзивната линија на кратовчани.
Покрај него, нов член на тимот е и 28-годишниот португалски фудбалер Мигуел Пиреш, кој игра во средниот ред. Пиреш доаѓа од кипарскиот клуб Дигенис Акритас Морфу и со својата интернационална кариера се очекува да даде значаен придонес во контрола на играта на средината од теренот.
Клубот ја официјализира и веста дека браќата Љупче и Ѓорѓе Џеков ќе останат дел од Силекс. Двајцата ставија потпис на нов четиригодишен професионален договор, потврдувајќи ја вербата на клубот во домашните фудбалери. Љупче Џеков, кој брани на голот, беше стартер на 34 натпревари во Првата лига, додека неговиот брат Ѓорѓе запиша 27 настапи.
Со овие потези, Силекс демонстрира јасна амбиција – создавање на стабилен и конкурентен состав што ќе биде подготвен за домашните предизвици за следната сезона но и за одлично претставување во Европа.